ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА е здружение на млади луѓе кои се неизмерни вљубеници во Македонија, односно во сѐ она по што е единствена Македонија, а со главна и единствена цел за сѐопшт придонес кон добробитот на Македонија. Сфаќајќи и чувствувајќи ја Македонија како наш дом, македонскиот народ и граѓани како наше семејство, придонесувањето кон Македонија значи и придонес кон добробитот на самите нас затоа што ние сме Македонија и Македонија е (во) секој од нас. Поведени од ваквите замисли и идеи во 2010 официјално во ЦР се регистриравме како Здружение за истражување и проучување на културно-историското минато, географијата и општествено-политичкиот живот на Македонија со широка основа на дејности насочени кон придонесот и добробитот на Македонија: научно-истражувачки, добротворни и доброволни дејности, издаваштво, планинарење, спортско-рекреативни, еколошки и секаков вид на општествено корисни јавни дејности. Од 2015 година започнавме со позасилено делување на две рамништа добро препознатливи под имињата #УживајВоМАКЕДОНИЈА и #МАКЕДОНИРАЈ. ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА делува и работи како отворено катче за спроведување и поддршка на сите замисли и идеи кои се насочени кон придонес за добробитот и животот во нашето општество и животна средина – МАКЕДОНИЈА.
Досега ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА беше присутна само на Facebook и YouTube, а од денес сме присутни и на ова свое катче на бескрајниот семрежен простор – интернетот, каде ќе може да се дружиме, за(с)познаваме, споделуваме и делуваме за МАКЕДОНИЈА!