Category Archives: Уживај во Македонија

Уживај во МАКЕДОНИЈА – ИЗГРЕВНО Езеро на КОРАБ

Планината Кораб, на која се наоѓа највисокиот врв во Македонија, со своите природни одлики изобилува со извонредни природни убавини, волшебно прекрасен горски крајолик исполнет со восхитувачки глетки на своите високи и остри врвови, стрмни падини, прекрасни водопади и езера меѓу кои и едно прекрасно езеро, сместено високо, најгоре на планинското било веднаш под главниот срт, чии бистри води блескаат и сјаат од зраците  на изгрејсонцето.  Токму оваа воодушевувачка глетка на оцртувањето на сонцето при изгрејсонце во езерските води при нашето своевидно „откривање“ односно прво здогледување и посета на езерото при трансверзалниот поход на Кораб, летото 2019, нè поттикна и да му го дадеме името Изгревно Езеро.  

Изгревно_Езеро_на_Кораб_01 IMG_2269

Местоположба и пристап

Изгревно Езеро се наоѓа на источната македонска страна непосредно до главниот срт на протегање на планината Кораб. Сместено е во цирк помеѓу врвот Боази на север и високопланинскиот превој Цигански Премин на југ, веднаш западно и непосредно над големиот цирк Ујт Калар, на јужното подножје под врвот Боази на надморска височина од 2318 метри. Езерото се наоѓа на координатите 41°44’54.4″ северна географска широчина и 20°31’15.7″ источна географска должина, на пределот помеѓу врвот Боази на север и високопланинскиот преслап (седло) Цигански Премин на југ, на источната страна веднаш до самиот срт на територијата на Македонија.

Изгревно_Езеро_на_Кораб_02Korab_lake

Иако тоа e постојано природно езеро, поради многу тешката пристапност на пределот и големата оддалеченост, тоа не е обележано на ниту една од географските и топографски карти и е речиси целосно непознато и непроучено од науката и јавноста, а исто така е и многу ретко посетувано од посетители – овчари и планинари заради што се наметна и потребата за негово именување и споделување податоци за запознавање на пошироката јавност.

Изгревно Езеро 3010Изгревно_Корапско_Езеро_17

Пристапот до езерото е многу тежок и покрај тоа што веднаш над него на 100ина метри по планинскиот срт води и минува доброразгазената некогашна граничарска патека. Сепак за да се стигне до Изгревно Езеро е потребно многу долго и напорно пешачење, кое вреди со секој чекор низ планинскиот предел со извонредно прекрасна природа.  Едниот можен начин за пристапување е од  југ од страната на превојот Цигански Премин (2305 м.) до каде најбрзо и најблиску можете да дојдете од селото Грекај по долината Чапарец каде се наоѓа преубавиот буен водопад со неколку слапови на потокот Дагон и низ која ќе мора да прескокнувате бројни паднати дрвја и стебла во (пра)шумата, во должина од 10 км во еден правец и времетраење од 4,5 – 5 часа (види: gps запис од ViewRanger). Уште една, малку подалечна можност од јужната страна започнува од селото Тануше крај неколкуте природни езера (Бачилско, Осојно, Долно и Средно)  сместени пониско на планинското било на Кораб, до превојот Шкртец (2020 м.) па по граничарската патека под величествените врвови Шупла Стена (2440 м.), Црн Камен (2416 м.) и Дерза (2405 м.) се до споменатиот превој Цигански Проход. Другиот можен начин на пристап до Изгревно Езеро е од север од страната на врвот Боази (2515 м.) од долината на Длабока Река, скршнувајќи југозападно над познатиот Корабски Пројфелски Водопад, во должина од над 20-22 км во еден правец и времетраење од над 10 часа. Ваквата голема одалеченост и тешка пристапност го прават Изгревно Езеро како многу погодно место за кампување (логорување со преноќување) со шатор(и) крај бујните треви со разни шарени миризливи цвеќиња на неговите брегови.

Именување и изглед

Ова езеро се одликува со особена убавина и поради својата источна поставеност од сртот особено блеснува со оцртување на сонцето во езерските води при изгрејсонце, поради што може да се нарече Изгревно Езеро. Поради својата местоположба близу до превојот Цигански Проход, езерото многу поретко би можело да биде познато и како Циганско Езеро или пак како eзеро  Боази-Боашко Езеро поради близината до врвот Боази, но сепак восихтувачката убавина на отсјајот на сонцето на површината на езерските води поради неговата источна поставеност од сртот на планинското било во спој со глетката на прекрасните остри зашилени планински врвови кои го опкружуваат наметнуваат најсоодветно да биде именувањето како Изгревно Езеро. Именувањето како Изгревно Езеро е особено многу погодно за негова поширока и а(тра)ктивна туристичка промоција, а воедно соодветсвува и со побудувањето на своевидниот изгрев на најпрекрасни чувства на восхит и воодушевување штом ќе се здогледа таа волшебна глетка, на преубаво бистро езеро сместено во пространство со  исполнето со бескрајни планини, после долгото и напорно искачување и  пешачење по стрмните падини и беспаќа на Кораб.

Езерото се одликува со исклучително многу убава глетка како и целиот крајолик во неговата непосредна околина и пространство исполнето со величествени остри врвови на Кораб (но и глетка на гребенот на Бистра во далечината), кои го опкружуваат Изгревно Езеро од север, запад и југ, при што циркот во кој се наоѓа има отвореност само кон исток и југо исток, давајќи му изглед на езерото и непосредната околина како на „бисер во школка“.

Обликот на езерото е издолжен, овален и заоблен со послабо наликување на крушовиден или јајцевиден изглед, со најголема должина на протегање во правец северозапад-југоисток и најголема широчина на протегање во правец југозапад-североисток, при што западниот езерски брег е речиси права линија, додека источниот брег е прилично заоблен, како и северниот и јужниот брег кои се со помала заобленост.

20200703_15555720200703_164510

Езерото има постојан водостој и неговата длабочина изнесува околу 1,5 метри. Водостојот е постојан и непроменлив преку целото лето и во најтоплите денови, а во зима тоа замрзнува и е затрупано со снег. Дното на езерото е земјено (тињесто) и делумно каменесто, поради што езерската вода се одликува со голема бистрина, а поради тревнатите брегови и околина, погледнато од подалеку езерската површина има темнозелена (смарагдна) боја. Езерото нема истека, а со вода се храни од врнежите и топење на снежниците, кои поради затвореноста и засенченоста на циркот во кој се наоѓа, од три страни југ,запад и север, снегот останува подолго заради што се топи подоцна и подолго време, хранејќи го со вода и давајќи му помалку променлив постојан водостој со помала колебливост.

Од нашите неколку посети во различни месеци во периодот од мај до октомври е забележано дека на крајот на мај (24.05.2021) езерото е сè уште целосно замрзнaто и затрупано со висока снежна покривка и дури во втората половина кон крајот на јуни, на летната долгодневица (20-21.06.2020) речиси нешто помалку од половина (45-50%) од езерската површина се уште е замрзната и под снег во напредна фаза на топење, а останатиот дел е одмрзнат и со студена вода. Веќе на почетокот на месец јули, езерото е сосема односно целосно одмрзнато, а неговите  бистри води загреани од сончевите зраци се сосема пријатни за капење, дури и по врнежи од град на помалку од еден час претходно (03.07.2020). Кон крајот на месец јули (27.07.2019), август и септември езерските води се сосема бистри и со пријатна свежина и (млака) топлина и поради засенчената поставеност тие не се загреваат и испаруваат премногу. Кон крајот на октомври (30.10.2021) при налетот на есенските студови, езерските води во северниот дел на езерото веќе подмрзнуваат со тенок слој на мраз.

Според своите одлики, најверојатно потеклото на ова езеро е циркно, односно ерозивно-циркно или циркно-моренско, при што тоа е настанато во преиздлабениот дел на циркот каде што започнале да се движат планинските мразници.

20211030_12532420211030_123007

Изгревно Езеро и планината Кораб со својата неодолива природна убавина силно нè привлекуваат да ги посетуваме насладувајќи се на преубавата недопрена природа, која нескромно кажано, е вистинско скриено богатство и волшепство на Македонија. Престојот во ова прекрасно ремек-уметничко дело на природата остава толку силен впечаток кој останува да се проткајува низ деновите и годините, изгревајќи ни во мислите и огревајќи нè со најубавите спомени и желби пак и повторно во некој летен ден да отидеме и да се навратиме на Изгревно Езеро. Пред да заминете во поход и да уживате во глетката и крај водите на Изгревно Езеро погледнете ја и снимката од првото капење во водите на Изгревно Езеро:

Уживај во МАКЕДОНИЈА #64: ИЗГРЕВНО ЕЗЕРО на КОРАБ – YouTube

Уживај во МАКЕДОНИЈА – Триезерски поход на ПЕЛИСТЕР и ПРЕСПА

„… бистро езеро погледниш или планина

сегде божева је хубавина“

– Константин Миладинов, „Т’га за југ“,

И навистина токму овие стихови безвременски ја опишуваат прекрасната  природна  убавина на Македонија, а доколку бараме делче од шареноликиот прекрасен мозаик на македонски крајолици и природни убавини кои најблиску го опишуваат овие стихови е токму Пелистер на планината Баба која на самото свое планинско било ги крие двете природни леднички езера популарно наречени „Пелистерски Очи“, а на своето западно подножје е оградена од брегот на големото природно тектонско Преспанско Езеро во истоимената котлина Преспа.

Пелистерски очи
Големо езеро – Пелистерски очи

Планината Баба чиј највисок врв Пелистер (2601 м.н.в.) кој е толку познати прочуен што често со неговотото име се именува и целата планинска верига на која е распослан истоимениот национален парк „Пелистер“ (основан во 1948 година) и воедно е синоним за градот Битола и се она што произлегува од неа, се протега во меридијански правец север – југ помеѓу котлините Пелагонија на исток и Преспа на запад, во југозападниот дел на Република Македонија. Позната и многу посетувана уште одамна во планинарството и туризмот, пристапот до Баба и Пелистер е одличен, со широки и добри асфалтни патишта од градот Битола до најпознатите туристички капацитети во селата Ниже Поле каде има и скијачки терени, Трново, Магарево, Маловишта, хотелот „Молика“, ски-центарот и познатиот планинарски дом во обнова „Копанки“, а исто така пристапноста до падините на Баба од преспанската страна е извонредна со широк и одличен афалтен пат од (Битола) и Ресен покрај источниот брег на Преспанското Езеро почнувајќи од Подмочани на север па преку до Претор, Сливница, Наколец, Љубојно, Брајчино се до Долно Дупени на југ. Исто така, како познат национален парк, планината изобилува со бројни одлично и јасно обележани планинарски патеки, кои се доста посетувани и добро одржувани до битолските планинарски друштва, кои ги има во значителен број и со големо членство.

12003205_1660097774234726_5633333430290966886_n

Малото Пелистерско Езеро со врвот Пелистер во позадината

Благодарение на доброобележаните патеки и сместувачките капацитети, пред се планинарскиот дом Големо Езеро, овие природни убавини на Пелистер се одлична викенд дестинација преку своевиден „Триезерски поход“, каде во два дена имате можност да посетите 3 езера: двете Пелистерски очи и Преспанското езеро и да го искачите врвот Пелистер.

Почнувајќи од месноста Лак Поток над некогашното детско одморалиште „Стрежево“ помеѓу убавите викендички над Нижеполе, патеката води по пределот Дебел Рид, најпрвин меѓу ливади полни со боровинка и разновидна шума составена од брези, лески и борови – молики. За околу час и половина се напушта шумата и се излегува на голата падина со смреки и боровинки од каде крај една занимлива карпа која нуди прекрасен поглед кон целата долина на Сапунчица и Драгор се достигнува до долот на потокот Езерска Река. До овој предел има 3 чешми со бистра, студена и силен дотек на вода. Минувајќи ја Езерска Река покрај добро обележаните и чести зимски маркации столбови се здогледува и стигнува до планинарскиот дом „Димитар Илиевски – Мурато“ сместен на 2218 м.н.в. веднаш до самото Големо Езеро.  До планинарскиот дом исто така може да се стигне пеш или со теренско возило од хотелот „Молика“ преку месноста Јоргов Камен и Малото Пелистерско Езеро по широк земјен пат наречен „француски“ бидејќи е граден уште од времето на Првата светска војна кога тука минувала линијата на познатиот Македонски или Солунски фронт. Овој земјен пат е често посетуван и од љубители на планинскиот велосипедизам и возењето џипови.  Искачувањето до Големото Пелистерско Езеро опфаќа три часовно пешачење.

Сместувајќи се во самиот планинарски дом, кој е грижливо чуван и одржуван и нуди големо удопство и уживање, имате можност во должина и времетраење од околу час и половина искачувајќи се преку гребенот што се испушта од врвот Ветерница веднаш над домот и големото езеро и одејќи по широк, а потоа и потесна планинарска патека да достигнете до Малото Пелистерско Езеро. Уживајќи крај неговите бистри и студени води и бреговите на кои има полно малини и боровинки во летниот период. Од брегот на Малото Езеро ќе го здогледате и врвот Пелистер, до кој води доброобележана патека во времетраење од уште 1,5 час од Малото Езеро преку цик-цак искачување до (под) врвот Широко Стапало и оттаму по широк пат до самиот врв каде се наоѓаат Антените и спомен обележјето за Димитар Илиевски – Мурато на Димев Врв.

87 12036806_1660097704234733_3852387735391799142_n

Големо Пелистерско Езеро познато и само како Големо Езеро е постглацијално ледничко езеро кое се наоѓа во изворишниот дел на Езерска Река, лева притока на реката Сапунчица, источно од врвот Вртешка, на надморска висина од 2.218 м. Езерото е во рамките на Националниот парк Пелистер. Настанато е со заемно дејство на ерозивните и акумулативните глацијални процеси, во преиздлабениот дел на циркот, кој од јужната и источната страна е заграден со моренски бедем, чија должина изнесува 320 м. Во правец југозапад-североисток езерото е долго 228 м, а најголемата ширина во правец ји–сз изнесува 196 м. Вкупната должина на езерскиот брег изнесува 785,25 м, а во овие рамки тоа зафаќа површина од 42.000 м2. Најголемата длабочина при највисокиот водостој изнесува 17,2 м, додека при најнизок водостој таа е 13,8 м, односно просечната длабочина при среден водостој е 15,5 м според што тоа е трето по длабочина природно езеро, а најдлабоко планинско езеро во Македонија.

Малото пелистерско езеро е постглацијално ледничко езеро кое се наоѓа на планината Баба во рамките на Националниот парк Пелистер. Езерото се наоѓа во изворишниот дел на Црвен Река која е лева притока на реката Сапунчица на северо-источната падина на планината Баба. Сместено е во вдлабнатина – цирк на надморска височина од 2.190 метри веднаш североисточно под самиот Партизански Врв висок 2.349 метри надморска височина. Настанокот на езерото датира во времето на после ледничкиот (пост-глацијалниот) период пред околу 10 до 12.000 години. Малото Пелистерско Езеро зафаќа поввршина од 7.440 m², а неговата најголема должина измерена во правец југ – југо-запад – исток – северо-исток изнесува 144 метри, додека најголемата широчина измерена во правец запад – исток изнесува 73 метри[3]. Најголемата длабочина на езерото при висок водостој изнесува 3,35 метри, а при апсолутно најнизок водостој изнесува 2,35 метри, односно просечаната длабочина изнесува 2,85 метри

Единствената точка од која може во видикот да се здогледаат двете езера се наоѓа веднаш штом се искачи на котата односно сртот над планинарскиот дом на Големото Езеро на патеката која води за врвот Пелистер и Малото Езеро.

Поради својата убавина двете пелистерски езера отсекогаш го привлекувале вниманието на луѓето, па така тие се и предмет на преданија и легенди во македонското народно творештво.  Меѓу народот постои следното предание (легенда) како настанале овие две леднички езера познати како Пелистерски или Горски Очи. Во дамнешни времиња во минатото, на планината Баба под Пелистер живееле братчето Јорго и сестричката Флора кои имале свое стадо овци кое среќни го напасувале по целата планина. Еден ден братчето се изгубило, по што сестрата започнала безуспешна потрага по која започнала непрестајно деноноќно да плаче и жали за својот загубен брат. Плачејќи непрестајно, солзите се слевале во двете вдлабнатини во кои се создале овие езера. Изнемоштена од тага, сестрата пред да почине кога ги видела убавите езера кои се создале им проговорила ако некогаш го видат нејзиниот брат да му пренесат да се измие и напие од нивните води за така таа да го помилува.

За Пелистерските езера пишувал и Ѓорче Петров во своето познато дело Материјали по изучувањето на Македонија каде опишувајќи ја пелистерската планинска верига запишал дека на гребенот Гривата има две мали езера. Поисточното  од нив кое е поблиску до Пелистер, е поголемо, а другото кое е кај понискиот врв е помало (обиколката не му е поголема од 5-6 минути). И двете претставуваат длабоки пропасти исполнети со вода, заобиколени со високи карпести скали. Како што вообичаено бидува со планинските езера, така и за Пелистерските езера постојат разни верувања. Според зборовите на овчарите и тие две езера се без дна. Некои овчари се заинтересирале да ја испитаат нивната длабочина. За таа цел тие три години по ред плетеле едно јаже од коноп, за да го пуштат внатре. На крајот на третата година тие заврзале еден камен на крајот на исплетената врвка. Врвката завршила, а каменот сѐ уште ја оптегнувал и завлекувал. Со тоа овчарите се увериле дека езерата се без дно. Според едно друго верување, тие си имаат за стопан еден голем змеј, кој што живеел и во двете езера, префрлувајќи се од едното во другото. Местните жители веруваат дека изворот кај с.Нисја, кое што се наоѓа на 1 ½ час источно од Воден, потекнува од овие езера. Откритието на тоа, како и на секаде, се должи на овчарите. Некој овчар го испуштил својот кавал во големото езеро, а татко му кој бил воденичар во Нисја го пронашо кавалот на изворот кај тоа село. Поттикнат од тоа откритие, синот во езерото пуштал заклани овни завиени во кожи, кои татко му ги пречекувал на изворот. Неговиот господар кога најпосле ја дознал таа работа го заклал овчарот и го фрлил во езерото и кога еден ден неговиот татко излегол на изворот да чека брав, го дочекал сина си.

12019830_1660083530902817_903460049868378502_n 12004099_1660103887567448_8713676567594013839_n

Од планинарскиот дом крај Големото Пелистерско Езеро  започнува и води директна добро обележана планинарска патека кон селото Брајчино во Преспа. Патеката започнува во јужен правец по широкиот колски „француски“ пат минувајќи меѓу врвовите Ветерница (2420 м.н.в.) и Мразарник (2235 м.н.в) од каде достигнува близу врвот Голема Грива (2215 м.н.в.) крај кој се наоѓаат уште две мали повремени природни и убави езерца наречени Орлови Бари. Искачувајќи го планинскиот превој – седло веќе се открива првата прекрасна глетка на двете Преспански Езера ширно распослани со Галичица во далечната позадина и простирањето на шумовитиот длабок дол на Брајчинска Река.  Поминувајќи две камени реки, кои се препознатлива природна знаменитост на оваа планина, патеката се  спушта низ малини и ретки брези и грмушки до една карпа со прекрасна глетка кон Преспанското Езеро. Оттука, веќе се навлегува во густата букова шума на долот на Брајчинска Река од каде по уште околу 2 часа се стигнува во Брајчино. Вкупното времетраење на минувањето на патеката од Големото Езеро до Брајчино опфаќа околу 5 часа пешачење, кое на места треба да биде внимателно заради климавите камења кои се минуваат, но во секој случај се оди по одлично обележана патека исполнета со прекрасни глетки и предели.

Достигнувајќи до Брајчино потонато во зеленило и шаренило од јаболкници и овоштарници веќе започнува асфалтен пат до соседното Љубојно, село со ретка и убава специфична староградска архитектура на куќите, поради дологодишната вековна печалбарска традиција на неговите жители кои ги носеле најновите трендови во своето место. Оттука веќе се простира ширната Преспа со многубројните плажи почнувајќи до Маркова  Нога под Долно Дупени, обновените супермодерни плажи во Сливница па се до Претор, каде крај водите на Преспа може да го крунисате овој прекрасен поход и да потоне вашиот поглед во глетките на овие македонски убавини кои, да се вратиме на стиховите на Миладинов од почетокот, „ја греат душата“!

#УживајВоМАКЕДОНИЈА

Уживај во МАКЕДОНИЈА – По трагите на византиските императори во Тауресиум и Бадеријана

Тлото на Македонија крие многу занимливи нешта, остатоци од древни времиња, а на него се раѓале и значајни личности, меѓу кои и 2 византиски цареви – импреатори, вујко и внук, на чии родни места и денес постојат и живуркаат населби. Погодувате? Јустин и Јустинијан, вујко и внук од Тауресиум и Бадеријана, соседени древни градови денес блиски и соседни села Таор и Бадар.

Но тука нема да стане збор за нивната големина и достигнувања, туку за тоа како може да направите една убава прошетка со велосипед во должина од нешто повеќе од 50 километри, минувајќи низ занимливи предели на источниот крај на Скопската Котлина. Кругот можете да го започнете или преку правецот Маџари-Трубарево или Аеродром-Горно и Долно Лисиче до  Петровец – ‘Ржаничино и тука да се одлучите дали ќе скршнете десно по новиот афалтиран пат до Таор или ќе продолжите преку Катланово до Бадар од каде потоа следи најзанимливиот дел по земјен (off road) пат по кој чекореле и јавале овие византиски цареви со нивните војници, но и роднини – чичковци, стрини, вујни, а кој токму на половина пат меѓу наоѓалиштата на Бадеријана кај Бадар и Тауресиум кај Таор минува покрај познатото Катлановско Блато чие што користењето уште од XI век било регулирано со претходно добиено одобрение од црковните власти бидејќи било подарено на манастирот Св. Ѓорѓи Горг во Скопје. За Катлановското Блато односно езеро Ѓорче Петров во своите Материјали по изучувањето на Македонија запишал дека со шамакот, Блатото има доста големо значење за жителите на околните села, коишто од него прават рогозини за цело Скопско, но главното негово значење се состои во рибите со кои ја храни целата област, каде што ретко се носат риби од Дојранското Езеро, а никако не доаѓаат од Охридското. Најпозната риба е крапот (шаранот), но се среќаваат и јагули, сомови (дојдени од Вардар) и некои други видови риби. Правото за ловење риба, како и за правење рогозини е монопол на власта и се продава од Скопското беледие (Градски совет) на приватни лица. Денес, по неговото пресушување, со вашите велосипеди по земјениот пат ќе поминете покрај фазанеријата и крај еден мал заштитен дел кој денес е заштитено подрачје и собирна станица на птиците-преселници наесен од Северна Европа.

Веднаш над самото село Таор спроти црквата Св. Илија меѓу лозјата се наоѓаат ископините на древен град меѓу кои може да се најдат и доста исклесани плочи и мермерни столбови. Во историската хронологија овој локалитет се поврзува со големиот император Јустинијан Први, најмногу според податоците изнесени од неговиот биограф Прокопиј. Според историографот Прокопиј тој се родил во местото наречено Taurisium, во близина на кастелот (тврдина) наречен Бадеријана. Населбата била разрушена во големиот земјотрес од 518 година, чиј епицентар бил на местото од денешно Скопје, во кој меѓу другите настрадало и античкото Скупи. Јустинијан Први за да му се оддолжи на своето родно место, го обновува и доградува. Од ова место се пружа прекрасна глетка кон целата рамнина на Скопското Поле што ја потврдува стратешката важност и значење на местотоположбата на еден ваков утврден град.

Ископините кои се наоѓаат во подножјето на ридот крај земјениот пат на само 1,5 км северно од Бадар, а кои ова лето повторно беа истражувани, покрај местоположбата заедно со некои пронајдоци даваат основа за претпоставка дека тоа е Бадеријана. Во пишаните историски документи тврдината Бадеријана се среќава во раниот среден век во византиско време. Како утврден град под името Бадеријана постоел уште во раниот среден век во римско и византиско време, за што како потврда постојат два записи. Утврдената населба Бедеријана се споменува како родно место на византискиот цар Јустин I кој бил роднина – вујко на познатиот император Јустинијан I и владеел непосредно пред него од 518 до 527 година. Следното споменување од тоа време е од записот на познатиот византиски историчар Прокопиј Кесариски од VI век кој во својот ракопис за биографијата на Јустинијан I запишал дека тој се родил во местото Тауресиум во близина на кастелот наречен Бадеријана (Βεδεριανα).  Просторната близина на Таурсесиум и Бадеријана спомената во овој пишан историски документ се надополнува и поткрепува со историскиот факт дека таа е родно место на императорот Јустин I кој е во директна роднинска врска (вујко) со Јустинијан I, чии што периоди на владеење се последователни еден по друг од 518 преку 527 па сè до 565 година. Ваквите историски факти и поврзаност даваат појдовна основа за претпоставките за лоцирање на местоположбата на древните градови Бадеријана и Тауресиум во ископините на наоѓалиштата кои се наоѓаат во непосредната близина на современите села Бадар и Таор, во кои покрај сличноста во имињата се зачувани и народните преданија.

Ископините на Тауресиум и Бадеријана односно самите села Таор и Бадар се директно поврзани со пат во должина од 9 километри, од кои 85% од е земјен пат добар за „отпатно“ (off-road) возење со велосипед. На излезот од Таор веднаш скршнувате десно и се покрај плодните ниви и остатоците од некогашното Катлановско Блато стасувате до Фазанеријата, а да не се изненадите ако од густите грмушки крај патот ви излета некоја ретковидена птица како фазан, еребица, потполошка, потоа излегувате малку на асфалт, кој толку е закрпуван од дупки што чувството е како да возите по земјен off-road пат. Штом дојдете пред надвозникот во Катланово повторно вртите десно крај погонот на Солопром во правец на Блаце и Кожле каде што некаде кај последните викенд-куќи каде има и рачно изработен патоказ за Бадар скршнувате лево и повторно почнува земјен и каменест пат најпрвин со мала угорнина, а потоа убав спуст покрај лаките и барите од Пчиња од каде пред самиот влез на селото скршнувате десно и на стотина до 200 метри наидувате на ископините затскриени во дабовата шума.  Но понудата не завршува тука! Потоа може да продолжите преку Бадар до Катланово, место чии лековити води се користеле уште од дамнешните римски, византиски, отомански времиња, а кои и денес во отворените базени-дупки во шумата или во модерниот базен отворен за сите посетители од 17 до 21 часот, може во топлите и пријатни води да го одморите своето тело и да уживате како византиски царици и цареви – императори!

 

УЖИВАЈ ВО МАКЕДОНИЈА – Низ Конче и Мантово во Лакавичко

На само 2 часа и околу 145 километри возење на југоисток од Скопје, се наоѓа еден многу убав, но малку познат и „загадочен“ македонски крај – долината на реката Крива Лакавица односно областа попозната како Лакавичко или Лакавицата како што си ја нарекуваат мештаните, во рамките на Општина Конче во Радовишко. Затскриена од главните сообраќајни патишта и оградена од планините Серта (или Конечка) која ја одделува од Повардарието на запад и југ и  Смрдеш(ник) која ја одделува од Радовишко-струмичката котлина на исток, се распослала една прекрасна и китна висорамнина ишарана со бројните убаво обработени ниви со тутун, зеленчук, жито, бостан и безбројни овоштарници со сливи, праски и лозја, а сред неа час се белее, час синее големото вештачко езеро Мантово.

До овој крај може да се стигне од 2 правци или преку Штип и Радовиш или преку Неготино и Пепелиште по одличниот неодамна асфалтиран пат преку планината и превојот Серта, кој неодамна го возевме со точаци.  Но, иако така затскриен од главните сообраќајни патишта и комуникациски текови, оваа област има извонредно и неверојатно богато минато и историска традиција.

Најстарите записи за Конче, под тоа исто име, датираат уште од 1019 година (11 век) од времето непосредно по поразот на Цар Самоил како и од 1366 година (14 век) кога е изградена прекрасната и велелепна црква Св. Стефан или позната и како Св. Богородица која и денес постои во селото Конче и токму оваа 2016 година одбележува 650 годинишнина од нејзината изградба, со што таа е и најстариот постоечки културно-историски споменик во цело Радовишко.   Оваа црква во чиј двор непосредно до храмот се наоѓаат остатоци од голема средновековна кула (тврдина) била изградена од средновековните владетели Никола Станоевиќ и Георги Бранковиќ како завештание за гробот на неговата ќерка. Интересната појава, што оваа црква е позната под 2 имиња т.е. светители, се поврзува и со чудесната икона на Света Богородица, која сама се појавувала (преместувала) од гевгелискиот крај  тука во црквата. За иконата на Света Богородица се сметала дека има исцелителна моќ, па покрај христијани во црквата за исцеление доаѓале и муслимани. Поради исцелителната моќ на иконата која била пронајдена во црквата на празникот „Св. Константин и Елена“, односно „Свети Цареи“, во црквата се одржувал голем панаѓур на кој се доаѓало поради исцеление на луѓето и со желба за плодност на полето. За исцелителната моќ на чудотворната икона во црквата во Конче пишувал и македонскиот преродбеник и собирач на народно творештво Марко Цепенков.

Доказ за значењето на целиот овој крај е фактот што во 1570 година (16 век) оваа област, во истите граници на денешната Општина Конче, била посебна управна административна единица Нахија Конче во рамки на Ќустендилскиот санџак. За целиот Лакавички крај на крајот на 19 век доста опширни описи дал и Ѓорче Петров во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, а со својата будност и посветеност во борбата за слобода на Македонија и Македонскиот народ особено се истакнале жителите на блиското и прочуено село Дедино, кое се наоѓа на половина пат меѓу Радовиш и Конче.

Работилницата за рачни бомби во селото била отворена кон крајот на 1896 година, но била затворена во ноември 1897 година. Во време на национално-ослободителното револуционерно движење во селото Дедино отседнале и престојувале двајцата македонски револуционери – великани, Гоце Делчев и Јане Сандански. Во 1897 година, во Дедино и Ињево се одвила Радовишката афера на МРО. На 25 август во Дедино, настанало убиство на двајца собирачи на такси за тутунот, кои посвоите зулуми станале несносливи за народот. Со ова убиство настанала таканаречената „Дединска афера“. Собирачите на данокот за тутун правеле многу пљачки низ селата, поради што месното раководство на ТМОРО во Радовиш донело решение да бидат спречени со сила, при што селската милиција во Дедино ги опколила и двајца од нив убила. Главатарот на групата бил ранет и успеал да избега, по што ја известил војската во Радовиш која го опсадила Дедино, при што во селото започнале претреси по куќите каде биле откриени складови со оружје и муниција, малтретирања и апсења во кои биле затворени 116 селани, а 123 биле измачувани. Дединската афера се проширила и на соседното село Ињево, а предизвикала цела низа провали и афери од тогашните власти врз македонското револуционерно и ослободително движење.

Но, овој крај нема да понуди само долга историја и кулутра, туку и убава природа и можности за прошетки и рекреација. Во 1978 година на реката Крива Лакавица е изградена браната и вештачкото езеро Мантово, едно од најголемите во источна Македонија.  Пријатната клима со температура на водата од 24ºC во летниот период е погодна за капење и практикување на водните спортови, застапеноста на повеќе видови на риби создаваат добри предуслови за спортски риболов, а издолжените вертикални грамадни карпи во близина на ридовите Габровска Чука и Трескавец овозможуваат добри услови за алпинистичко искачување. За туристичката понуда на езерото Мантово, покрај одличниот пристап со извонреден асфалтен пат погоден за возење велосипеди, придонесуваат и големиот број на новоизградени викендички во урбанизираната туристичка населба веднаш крај браната над брегот во атарите на Долна Враштица и Долни Радеш, а  тука се и бројните летниковци и  новоизградените т.н. „влашки колиби“ кои се изградени во стар стил, од дрво, со бетонска подлога, а опремени се со кревет, маса и дрвени клупи.

Снимка од нашат прва годинешна Викиекспедиција во Лакавичко, каде се запознавме со убавините на овој крај на Македонија.

Уживај во Македонија – БЕЛОЈШКИ ВОДОПАД

На нешто повеќе од половина час западно од Скопје се наоѓа нашата недопрена и  девствена убавина, прекрасната Шар Планина. Во науката има разни претпоставки околу потеклото на  нејзиното име, но за сите оние кои ја посетиле и ќе ја посетат нејзиното значење доаѓа од шарите, шаренилото и ишараноста со неизмерни и прекрасни убавини како разни шарени цвеќиња, густи шуми и недопрени гори, шаренило од блескавите снегови и белите стада овци, бројни извори, потоци, езера меѓу кои е и Беловишкиот Водопад.

Тетовското село Беловиште се наоѓа во подножјето на Шар Планина северно од Тетово на патот кон Вратница и Јажинце во рамки на Општината Јегуновце, а до него директно од Скопје може да стигнете и преку асфалтниот пат кој оди од Кондово, Радуша и Нераште. Селото е опкружено и потонато во зеленилото од густите костенови и лескови шуми, а низ него тече реката Јелика или Беловишка на која има три поголеми водопади.

Веднаш над самото село се наоѓа излетничката месност Петочко Водиче при првиот помал но најсилен водопад со длабок вир по течнието на реката. Во реонот има две цркви Св. Петка и Св. Јован Крстител, црковна терпезарија и неколку рибници со добра и љубезна послуга и вредни домаќини. Чешмата која се наоѓа во црквата „Св. Петка“ се верува дека има лековита вода за очи.

Од тука по добро обележана планинарска патека со мала стрмнина  на почетокот за час и половина до два часа пешачење се стигнува до карпеста месност од која што се пружа прекрасен поглед на големиот водопад висок 43 метри кој моќно шумоли меѓу карпите и густите букови шуми. По патот ќе минете низ неколку ливади со многу шумски јаготки, капини и боровинки и два-три долови со потоци меѓу густи дабови и букови шуми.

Беловишка река прави три поголеми водопади. Првиот водопад е најмал, но со најголем воден интезитет со и се наоѓа во месноста Петочко Водиче. Висок околу 12 метри и познат е името „Враживир“. Средниот водопад се нарекува „Долна Цкала“ и е најголем водопад на Беловишка Река со пад од 43 метри. До него се стасува по 2-3 часа одење по маркирана планинарска патека, која тргнува од црквата Св.Петка од десната страна на реката. Горниот водопад, или „Горна Цкала“ има непрекинат пад од над 20 метри. Се наоѓа во тешко пристапен терен. До него се стигнува по немаркирана планинарската патека која води за врвот Пирибег од левата страна на реката. Патеката тргнува од паркингот кај Петочко Водиче. Има помал интензитет од Долна Цкала бидејки опфаќа само два од трите поголеми извори на реката. Пределот помеѓу Горна и Долна Цкала е тешко пристапен кањон во букова шума во кој реката формира повеќе слапови и мали водопади.

Водите во брзаците на реката се толку бели што не е чудно зошто селото е наречено Беловиште

DSC05853 DSC05855 DSC05885 DSC05887

Уште еден доказ зошто се нарекува БЕЛОвишки водопад. Од априлското велигденско капење во студените и бистри  води.

DSC05922 DSC05923

Учеството на младите во донесувањето одлуки на локално ниво во руралните средини

Почитувани,

Би сакале да Ве известиме дека во рамки на проектот „Учеството на младите во донесувањето одлуки на локално ниво во руралните средини“ (на англиски: „Participation of Young People in Decision-Making Processes at the Local Level in Rural Areas“) одобрен и финансиран во рамки на Erasmus + програмата на ЕУ и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност под број на договор: 2015-3-МК01-КА347-021435, ќе бидат опфатени 4 рурални општини во Македонија, и тоа: Карбинци, ИлинденВрапчиште и Могила.

Во тој однос би сакале да ве известиме дека за истражувачките цели во спроведувањето на проектот, нашето здружение ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА како спроведувач на проектот, во месец март ќе одржи 4 средби за секоја општина посебно на кои ќе треба да се состанат и дискутираат за младинските политики 25 млади луѓе – жители на општините на возраст од 13 до 30 години и 5 службеници од општината. Секоја средба ќе биде во вид на фокус-група во траење од 2 – 2,5 часа и на неа ќе се одржи дијалог и разговори помеѓу младите и општинските службеници во однос на досега спроведените проекти за младите, начинот на учество на младите во донесување одлуки и можностите за спроведување на идеите на младите во одлуките и политиките на општините. Сите учесници на средбата ќе добијат сертификати. Превозот и организациските трошоци во целост ќе бидат покриени од организаторот – здружението ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА.

Ги повикуваме сите кои се заинтересирани за учество, млади луѓе и службеници – советници, раководители на сектори во општините да го пријават и потврдат своето учество на тел. 071 216 066, 070 309 746 или edinstvenamakedonija@gmail.com најдоцна до 07.03.2016, со цел навремено да се организира превозот и сите останати потреби.  

Повеќе за проектот видете на страницата за Erasmus на Европската Комисија и наскоро на  посебна информативна веб-страница за самиот проект која во моментов е во изработка.

Известување за Erasmus +проект

Добредојдовте на страницата на ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА е здружение на млади луѓе кои се неизмерни вљубеници во Македонија,  односно во сѐ она по што е единствена Македонија, а со главна и единствена цел за сѐопшт придонес кон добробитот на  Македонија. Сфаќајќи и чувствувајќи ја Македонија како наш дом, македонскиот народ и граѓани како наше семејство, придонесувањето кон Македонија значи и придонес кон добробитот на самите нас затоа што ние сме Македонија и Македонија е (во) секој од нас. Поведени од ваквите замисли и идеи во 2010 официјално во ЦР се регистриравме како Здружение за истражување и проучување на културно-историското минато, географијата и општествено-политичкиот живот на Македонија со широка основа на дејности насочени кон придонесот и добробитот на Македонија: научно-истражувачки, добротворни и доброволни дејности, издаваштво, планинарење, спортско-рекреативни, еколошки и секаков вид на општествено корисни јавни дејности. Од 2015 година започнавме со позасилено делување на две рамништа добро препознатливи под имињата #УживајВоМАКЕДОНИЈА и #МАКЕДОНИРАЈ.  ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА делува и работи како отворено катче за спроведување и поддршка на сите замисли и идеи кои се насочени кон придонес за добробитот и животот во нашето општество и животна средина – МАКЕДОНИЈА.

Досега ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА беше присутна само на Facebook и YouTube, а од денес сме присутни и на ова свое катче на бескрајниот семрежен простор – интернетот, каде ќе може да се дружиме, за(с)познаваме, споделуваме и делуваме за МАКЕДОНИЈА!