Македонија, Македонците и воопшто македонските граѓани ги живеат своите судбоносни денови , од кои во целост ќе зависи иднината на опстанокот на оваа земја, државна творба, народна заедница препознатливи и самобитни поврзани со името Македонија. На 17 јуни се потпиша спогодбата во преспанското село Нивици, со која ќе се постави нова основа на меѓусебните, долго обременети, односи помеѓу Македонија и Грција, но која исто така во доста (не)догледна иднина ќе го определи местото на Македонија и нејзината препознатливост како самобитен енитет во светот.
За околностите кои доведоа до склучување на оваа спогодба, се најбитни повеќе чинители, секако во прв ред самите влади како главни управни тела во двете држави и секако уште повеќе самите актуелни геополитички околности и миг, за кои пишавме претходно, а кои двете најголеми геополитички сили во овој дел на светот каде се наоѓа Македонија отворено преку своите претставници секојдневно веќе потврдуваат – дека „решението на спорот“ и неговите последици (во прв ред приклучувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, за кои прифаќањето на овој договор е поставен како првенствен, единствен и главен услов) имаат позитивно/негативно влијание за нивните геополитички интереси и геостратегии.
ЗА ДОГОВОРОТ И НЕГОВОТО ВЛИЈАНИЕ
Како што е наведено погоре, доволно е да се даде оценка и мислење за договорот, на основа на две главни претпоставки за неговото влијание:
1) поставување нова основа на меѓусебните односи помеѓу Македонија и Грција
2) определување на местото на Македонија и нејзината препознатливост како самобитен ентитет во светот
И по двете овие претпоставки, Преспанската спогодба, е крајно лоша и неповолна за Македонија.
Односите меѓу Македонија и Грција, уште многу пред основањето на двете современи држави, уште на ниво на поединци припадници на две различни заедници со различни јазици, култури, припадности, свест, развиток, положба и интереси биле обременети и исполнети со судири, непријателства и спротиставеност. Сите сме пред се луѓе и секогаш треба да се стремиме и веруваме во општочовечката добрина и на нејзината основа да постапуваме во секојдневниот живот. Убави се постојаните изјави на премиерот Зоран Заев и уште почестите на министерот Никола Димитров, дека „добиваме нов пријател“, „ќе бидеме (вечни) сојузници“ (небаре стапуваме во брак на бескрајна љубов додека смртта не не раздели) но да бидеме искрени, тие се илузорни, и безмалку само мечти и убави фантазии кои треба да бидат на врвното место на нашите погледи кон Грција и сите други држави во светот, но големата државна (гео)стратегија на Грција, претставена преку нејзината големо-национална Мегали Идеа и сето постигнато, здобиено и засновано на неа во однос на денешната нејзина територијална целовитост и постоење (а во многу што, всушност и највеќе настрадаа Македонците протерани, убивани и уништени на најѕверски геноциден начин, а и денес често третирани, без разлика чии државјани се, на тој начин од голем дел на грчката држава и општество) никогаш нема да ја гледа Македонија како свој „пријател, сојузник“, макар што зачленети во истите сојузи (ЕУ и НАТО, било под кое име дали Македонија, привремената референца или сегашниот предлог за промена) секако ќе бидеме сојузници. И имајќи ја предивид природната различност (и спротиставеност) Грција, свесна за своите придобивки на штета на Македонија (која секако никој никогаш нема да ја побара), секогаш ќе гледа да си ја обезбеди својата надмоќна положба и да ја држи и обликува Македонија според своите интереси.
Затоа Грција го измисли и создаде овој „спор за името“ (Македонија нема никаква вина по ниту една основа и спротиставен аргумент – отворено подвлекувам и тврдам!) , а со Преспанскиот договор и посебно одредбите за „севкупна употреба“ и внатре отворено доби можност во надредена и надмена положба над Македонија директно да го сузбива македонското битисување, покрај надвор (во светот) сега и внатре (во Македонија). Јас лично, долго бев убеден дека спорот за името Грција го користи како (геополитичка) алатка за остварување на својата (гео)стратешка цел сузбивање и уништување на Македонија. Но во секое лошо добро, сепак истрајноста и големите придобивки кои Македонија ги избори досега, благодарение што природно како самобитен енитет се препознава на основа на тоа што е поврзана со името Македонија и како таква светот не прифаќа(ше), и во овие услови дојдовме до тоа сепак и во ова ново, крајно лошо и неповолно решение да стои зборот „Македонија“. Но, тоа не е никаква „победа“, па затоа договорот е лош и неповолен бидејќи:
- Иако нашата држава во името ќе го содржи зборот Македонија, со овој договор во ниту еден случај нашата држава за било што произлегува од неа како установа (институција), производ, претставништво нема да смее да ја користи придавката „македонски“. Значи, најобична лага е дека се заштитува „идентитетот македонски“ кога се она што ќе се поврзува и произлегува од нашата држава, внатре во неа и надвор во светот, нема да смее да се именува и препознава како македонски, туку само како „на северна Македонија“ …. нашите власти и надворешните дипломати отворено го признаваат ова кога велат дека сите македонски установи ќе мора да си ги променат имињата, но вешто го пренасочуваат вниманието со рекламните спотови за благодетите на ЕУ и НАТО, чии вредности (секако не до 100% потполност) може законски, правно и суштински да се спроведат во македонскиот правен, економски, политички, безбедносен, културен поредок и без промена на името. Повторно, среќа во несреќа, тука е што македонското постоење изборило голема придобивка уште во седумдесетите години на ХХ век со признавањето на нашиот јазик како македонски во ООН (нормално македонски произлегува од Македонија – јазик на народ/луѓе од таа земја), па Грција сега привремено вешто само моментално го „прифаќа“ ова, но засега суптилно, а потоа во иднина, било која тамошна власт отворено ќе го подрива, нема да го признава, ќе го омаловажува и заобиколува да го признае и препознае како македонски со изговори за „словенски“ и целиот широк спектар на „скопски“, „северњачки“, „фиромски“, „цигано-скопски“, „бугаро-албански“ во зависнот кој дел од грчкото општествено милје (левица-десница) се обраќа на нашиот јазик и народ и длабоко сум уверен дека така ќе биде од грчка страна по секоја основа на нашиот македонски идентитет: националност, јазик, култура, економија и трговија, спорт итн. Тие не се обврзани со договорот, ниту пак самите се волни и нема да не почитуваат онакви какви што сме, да ни биде јасно. Максимално ќе ги искористат придобивките од договорот, и ќе ги избегнуваат обврските (ако ги има) како што и постојано го правеле тоа до сега (сетете се на Привремената спогодба) и не треба да бегаме од таа реалност
- Грција добива повластена положба да го уредува внатрешниот поредок и живот во Македонија. Во самиот договор во онаа одредба, покрај сите установи кои се основани, се поддржуваат и финансираат од државата на кои им се забранува да бидат „македонски“ се упатуваат на овој член и приватните ентитети: компании, фирми, здруженија во чии имиња стои Македонија/Македонско/а/и да го следат овој член, па и тие да ги променат своите имиња во своето работење внатре во земјата и странство
*** ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА како здружение на млади луѓе кои се неизмерни вљубеници во Македонија, односно во сѐ она по што е единствена Македонија, а со главна и единствена цел за сѐопшт придонес кон добробитот на Македонија, регистрирано во ЦР во 2010, не само што нема да го почитува овој член (и самиот договор) туку напротив ќе дејствува и ќе ги засилува сите свои активности на промоција, поддршка на употребата на името МАКЕДОНИЈА во Македонија и светот, како име на нашата земја, во сите домени и сите активности било да се спортско-рекреативни, културни, научно-истражувачки, добротворни, општествено-корисни со цел негово опстојување на ова поднебје меѓу луѓето за негова трајна заштита, негување и опстанок како име на нашето постоење како засебна заедница на луѓе и негов опстанок засекогаш и да поволните услови кога Македонија и меѓународно (повторно) ќе се етаблира како држава, народ и нација со своето вистинско и единствено име – Македонија во светот и меѓународниот поредок. (но за ова поопширно понатаму во друга прилика) - На светот и целата светска јавност, во секој домен: политика, економија, наука, култура, уметност, спорт, забава, не му преостанува ништо друго освен да ја прифати „волјата“ односно официјалното именување на нашата држава, кое ќе биде преточено во уставот со претстојните уставни измени што ќе следат, па откако секаде („севкупно“) ќе бидеме, за жал, „северна“ Македонија, сите светски (не)владини организации, медиуми, универзитети ќе не прифаќаат и препознаваат како „од Северна Македонија“ и секако по „природниот“ тек на нештата сите поединци, граѓани – политичари, студенти, туристи, спортисти, научници, уметници од тука ќе бидат препознавани како „северно-македонски“ (неформално) или „од Северна Македонија“ (дословно формално и во некој случај македонски со „слеш“ од Северна Македонија). Грција со своето право внатрешно да надгледува и делува да сопира ако не е според нејзиниот интерес, има и добива пресудна улога и влијание како ние ќе се претставуваме и ќе не препознава светот.
Осврнувајќи се на овие аргументи по двете претпоставки за влијанието, уште еднаш можеме да заклучиме дека договорот е нерамномерен (асиметричен) и тоа со поголема штета и неповолност за Македонија.
Лукративните аргументи за придобивките од членството во ЕУ и НАТО, кое е условено со промената на името не ги опфаќаме затоа што е речено дека нивните вредности и стандарди кои се гарант за сеопшт развој, развиток и благосостојба се спроведливи и можни и без да се промени името на Македонија, можноста за економски врски, односи и размена со целиот свет од кои зависи економскиот раст и благосостојба на граѓаните постојат и сега кога официјално се викаме Република Македонија и ќе постојат и да не се смени името, што значи некој може да заработи, заштеди, да купи куќа, возило, имот, оди на одмор и без да се промени името. На крајот, искрено посакуваме секој поединец во Македонија да биде неизмерно богат по својата желба и мерка, а да бидеме иронично несериозни кон главните „заговорници за промена на името“ кои како главниот аргумент ги имаат „парите и зголеменото ниво на нивниот обем“ со „повеќето пари“ откако ќе го сменат името, нека почастат што пие и јаде цела кафана, нека ги донираат, нека се однесуваат со нив како луцидните богаташи или било што ќе им е по мерак (мене лично Марио Шаревски -Македонец од Македонија, нема потреба ништо да ме честат со „придобивките“ стекнати заради промената на името )
Да повториме, Македонија како земја, држава, народ со свој јазик, култура, припадност постои како засебен идентитет заснован и најтесно поврзан со името Македонија од кое произлегува придавката за припадност и препознатливост – македонски со која се означуваат јазикот, припадноста и се што произлегува од оваа земја и заедница. Со договорот од Преспа ова се изменува, и тоа на долг рок и на наша штета по овој однос (секако поволност ќе е влезот во ЕУ и НАТО, каде никаде како формално пропишано правило не постои ваков услов, е придобивка, но се коси со нивните и светски зацртани, призанати и усвоени вредности и принципи).
ИСТОРИСКО „НЕ“ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, КЛУЧ ЗА МАКЕДОНСКОТО ОПСТОЈУВАЊЕ ВО ИДНИНА И СИЛНА ПОРАКА ДО СВЕТСКАТА СЛОБОДОЉУБИВА И ПРАВДОЉУБИВА СОВЕСТ
Како последен и најважен чинител врз кој ќе има влијание сето ова збиднување и кој ќе живее со сите последници се секако граѓаните како поединци и заедница, човечки единки, но во најсуштинска смисла македонскиот народ. Македонски народ (не некаквите „грчки Македонци“) како јадро на државната творба која на овој географски простор и единствена во целиот свет, природно и праведно го носи името Македонија – без тоа да е на штета на некој друг. Грција и секако Бугарија, Србија, Албанија, САД, Русија, нема ниту да пропадне ниту да трпи некаква штета ако нашата земја како Република Македонија постои во меѓународниот поредок и како таква се зачлени во ОН, ЕУ, НАТО, ЦЕФТА, СТО итн. Напротив, секојдневно се покажува дека Македонија и македонските граѓани се одговорна единка во светскиот поредок кој придонесува во глобалната безбедност (војниците на АРМ во мирновните мисии во светот, рамо до рамо со НАТО), економија, наука, култура, туризам (самиот грчки премиер Алексис Ципрас неодамна во европскиот парламент призна за големите придобивки за грчката економија од македонските туристи кои со биометриски пасоши на кои пишува Република Македонија и како такви минуваат и низ уредите на грчките гранични контроли иако печатите ги ставаат на некакви си „понижувачки листови“).
Но, да не бидеме изненадени што светската наука при услови на успешен референдум ќе го проучува единствениот пример за новата фаза во градењето и развитокот на нашата нација (nation building) преку влијанието на овој (штетен) договор. Па иако, самите власти се веќе најавија дека ова е незадолжителен консултативен референдум, што ќе рече имаат право да постапат и спротивно на резултатот (а ја знаеме нивната решеност за промена на името со веќе потпишаниот договор од Преспа), тие сосема исправно и праведно наметнуваат народот и граѓаните да го кажат своето мислење по ова прашање. Мора да одекне народниот глас, секако тие сметаат за поткрепа на својата одлука, политичките партии си сметаат по своја мерка (власт, опозиција), а секој свесен припадник на македонскиот народ со своето постапување треба да го каже своето мислење, по своето постоење и опстојување под (и од) ова име, и тоа да биде запишано во правните и законски норми, историски и научни читанки. Таа волја да стане стварност, која и да не е испочитувана во дадениот миг од властите, ќе биде јасно истакната и ќе опстои сосема оправдано и легитимно да биде спроведена во првата можна прилика во иднината.
Секако тука, како и погоре, се мисли на опстојување на името Македонија за нашата држава и сите нејзини составни делови – во прв ред луѓето – народот. Затоа едно големо историско НЕ за овој договор, ќе значи опстанок на името Македонија, опстанок во волјата, желбата и најбитно свеста на сите оние кои го носат и се идентификуваат поврзани со него. Токму луѓето односно граѓанското општество, кое е највисоко ценета евроатлантска вредност, се тие кои дури и со овој договор, имаат барем малку простор да го употребуваат, негуваат, одржуваат, слават, поддржуваат барем во приватната сфера. (Затоа погоре беше пишано дека ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА како здружение кое официјално го носи името Македонија нема да се упатува на членот 7 од договорот, туку напротив ќе дејствува за поддршка, опстанок и негување на името Македонија). Едно големо запишано НЕ, кое и не испочитувано во правниот поредок, не може да им го одземе на луѓето во граѓанското општество да го користат меѓу себе, во секојдневниот живот, во секакви манифестации – спортски, културни, економски, како што впрочем и опстојувало името Македонија и пред конечното национално афирмирање на нашата држава и народ како субјект по Втората светска војна. Отоманската Империја забранила употреба на името Македонија за трите вилаети на македонското географски подрачје, но не ја искоренила употребата на името Македонија од македонските ослободителни, револуционерни, научно-книжевни, просветителски процеси и дејанија и тоа природно во поволниот миг, по втората светска војна дојде и се етаблира како име на ослободената новосоздадена држава од народот на нејзиното тло – Македонија од Македонците. Иако историјата се повторува, иднината дава бесконечно можности, па позитивните искуства од минатото не носат во корисни потези, името Македонија ќе го одржуваме, негуваме и поддржуваме се до оној миг кога ќе дојде (повторно) можноста и правно-законски и суштински секаде да биде наше официјално, вистинско име, препознатливост и идентитет.
Меѓутоа, за политиката и политичките игри, се поврзуваат епитети за нечесност бидејќи се пазар на кој е дозволена и суптилната измама, разноразни пресметки само да се дојде до целта која ќе ги оправда средствата. Во тие услови, колку властата и опозицијата како политички чинители – субјекти да се завиени во најнебесната демократска обвивка, имаат свои полуги и начини да издејствуваат посакуван исход. Имајќи го предвид сложеното устројство на македонското општество (и гласачко тело) по етнички, верски, социјални, културни линии, тешко е да се каже во оваа ситуација што ќе биде „успех“ од аспект на ЗА и ПРОТИВ во овој референдум. Успешноста на ЗА е правно засенета од излезноста (цензусот), додека успешноста на ПРОТИВ во прв ред е поделена помеѓу можностите „глас против“ и „бојкот“. Јас лично како поединец, не би знаел да предложам најцелисходен начин за да се претстави и превагне праведната волја против овој договор. Тоа го знаат политичките мајстори, кои не довдуваат до оваа состојба на недоумие, почнувајќи од самиот „спор за името“ и неговата разврска, па се до оваа референдумска лакрдија. Затоа, како поединец и ќе постапам, бидејќи ќе го одживеам и тој судбоносен ден и тоа тука во Македонија, на нејзините прекрасни природни убавини.
Голем број ослободителни и револуционерни движења во светот, особено со се поголемиот технолошки и информациски развиток, носеле симпатии и влијаеле на светската свест и совест за правда, човечност, слобода. Да не ги споменуваме примерите на правата на борбата на робовите, работништвото, социјалните револуции, антиколонијалната борба на поробените народи. Сето тоа влијаело на светската свест и совест, а токму Македонија и македонскиот народ, соочени со најбезобѕирно кршење на слободата, правата на раб на поробување на нивната свест и секојдневен живот на туѓа волја (незагрозена од нивното постоење како Македонија и Македонци) преку спротиставување и јасно несогласување имаат можност да ја пратат пораката и да влијаат и придонесат за еден подобар, поправеден и поубав свет!
Марио Шаревски