Македонија! Што е Македонија, што значи тој след на буквите М А К Е Д О Н И Ј А, заради кој/кои се создаваат вакви состојби и збиднувања кои допираат и имаат значење за милиони луѓе. Толкувањата може да бидат и се различни, некои се сувопарни и може да толкуваат од научен аспект на јазичните науки лингвистика, филологија какво е значењето на зборот Македонија, од научен аспект историчарите може да толкуваат исто така какво е значењето на зборот Македонија кој и за кој во минатото се случувале и се случуваат низа настани и збиднувања, географите научно може да толкуваат што се содржи просторот кој се именува со зборот Македонија, уметниците може да објаснат и да кажат за творештвото поттикнато и посветено на Македонија, политичарите и секако злонамерните дневнополитички калкуланти и пропагандисти може со омаловажувања да дадат толкување за зборот Македонија и правото на негово користење и соодветно на тоа некакво решение за … Решение за што? За да сфатиме ќе кажам што е Македонија, за мене лично, а сето тоа поткрепено и со научни аргументи и факти од сите области изнесени погоре. Тоа сум го направил во повеќе написи во јавни гласила и весници, јавни настапи, објавени научни трудови кои се достапни и може да се прочитаат.
Што е МАКЕДОНИЈА?
Македонија е постоење! Постои држава со слободни луѓе кои со слободна свест и без никому да наштетуваат бивајќи и постоејќи како личност (идентитет) под името МАКЕДОНИЈА суштествуваат: живеат, работат (кој повеќе кој помалку успешно), љубат, се караат, се радуваат, се раѓаат, умираат, боледуваат, се веселат, некогаш грешат, некогаш исправно постапуваат. Но постојат како единки како луѓе секој со свое име и презиме и личен идентитет и интегритет на простор (земја) Македонија на кој поради долгоисториско именување со името Македонија се основала државна творба со име Република Македонија, каква што впрочем нема друга државна творба во светот со такво име. Значи за постоењето на држава со име Република Македонија нема, не може и не треба да има забуна ниту тоа да е основа за присилување за промена на името и насилно ништење на слободата и постоењето. Една од причините наведувана е „забуната“ – а забуна нема државно-правно само на еден пасош, лична карта и документ во светот пишува Република Македонија. Админситративно-правни територијални творби во чие име се содржи зборот Македонија (вклучително трите префектури во соседна Грција) во правниот сообраќај не може ниту да се споредат на рамништето ниту да се едначат па да предизвикаат забуна поради тоа што нашата држава се нарекува Република Македонија. Но не само овој впрочем и сите наведени аргументи во овој „спор“ се неразумни и ништовни, ниту пак даваат здраворазумна основа да се размислува за некаква промена (решение?!), бидејќи и во стварноста не постојат никакви проблеми со нашето постоење како Македонија. Нашето постоење како Македонија го прифаќа целиот свет со сите пропратни нешта што произлегуваат од него, тука би вброил македонски јазик, припадност, производи, препознатливост итн.
Дека името Македонија значи постоење, сведочи еден след на настани, дејствувања и пишани дела од Македонци и странци уште од втората половина на XIX кои на различен начин, но поведени од свеста за засебно постоење поврзано токму со Македонија, се ист оној тек кој довел до тоа во 1944 да се создаде државна творба со име Македонија (која била Демократска, Федеративна, Народна, Социјалистичка, но секогаш само Македонија) која пак во 1991 година ја стекнала својата независност како Република Македонија, а патем низ годините се кодифицирал и македонскиот јазик кој како таков е признаен и во документи на ООН (дури во 70-тите и на кофреренции во Атина!), се изучува на катедри во светот. Значи македонското постоење и суштествување е исконско, основно човеково право на слобода, тоа е секојдневие за секој кој патува, живее, работи со македонски пасош, државјанство или едноставно свест.
Аргументите во овој спор се бројни и разнообразни, бидејќи моето постоење е најтесно поврзано со Македонија, не можам да бидам објективен и нем „научен“ и „неутрален“ набљудувач од страна.
Што е МАКЕДОНИЈА?
Македонија е слобода! Во дадените околности наметнувањето решение со промена на името и погазување на достоинственото слободно постоење на луѓе (МАКЕДОНИЈА) кој со тоа само по себе не прават злосторство, злодело и штета некому, е најбезобѕирното и безимилосно злосторство кое се спроведува. Правото на живот и слобода, или правото на постоење и слобода, поединечно и во заедница се највисоко уважувани, почитувани, заштитувани, призанени и гарантирани.
Не сакам да звучам како политичар, бидејќи не сум тоа, но се согласувам дека соработката и соединувачките („интегративните“) процеси се единствениот исправен правец за благосостојба и подобро утре. Обврските се исполнуваат, вредностите се почитуваат, она што треба да се измени приспособи (за ОН, ЕУ, НАТО членство или придружување било каде) треба и всушност се највисоко ниво на агенда за спроведување, но на чесна основа! Не на основа на уцена! Пред уцената и насилството мора да се застане и да се искаже несогласувањето! Несогласување со насилното поништување на нашето постоење и слобода како МАКЕДОНИЈА, во услови кога со тоа не наштетуваме, а истовремено со години и сега и во иднина покажуваме и постоиме како пријатели, соработници, добронамерници.
Што е МАКЕДОНИЈА?
Македонија сме ние! Сите ние секој од нас е Македонија (и Македонија е во секого од нас). Успесите, благосостојбата, убавите и радосни мигови на Македонија се и на сите нас и обратно, но и непризнавањето, негирањето, навредувањето, насилството, ништењето на Македонија е и на секого од нас.
Ние сме луѓе, секој од различен ков, но од под ист кров – Македонија! Сме и можеме да бидеме пријатели, соработници, другари почитувани онакви какви што сме – МАКЕДОНИЈА!
МАКЕДОНИЈА!
Марио Шаревски
МАКЕДОНИЈА