На само 2 часа и околу 145 километри возење на југоисток од Скопје, се наоѓа еден многу убав, но малку познат и „загадочен“ македонски крај – долината на реката Крива Лакавица односно областа попозната како Лакавичко или Лакавицата како што си ја нарекуваат мештаните, во рамките на Општина Конче во Радовишко. Затскриена од главните сообраќајни патишта и оградена од планините Серта (или Конечка) која ја одделува од Повардарието на запад и југ и Смрдеш(ник) која ја одделува од Радовишко-струмичката котлина на исток, се распослала една прекрасна и китна висорамнина ишарана со бројните убаво обработени ниви со тутун, зеленчук, жито, бостан и безбројни овоштарници со сливи, праски и лозја, а сред неа час се белее, час синее големото вештачко езеро Мантово.
До овој крај може да се стигне од 2 правци или преку Штип и Радовиш или преку Неготино и Пепелиште по одличниот неодамна асфалтиран пат преку планината и превојот Серта, кој неодамна го возевме со точаци. Но, иако така затскриен од главните сообраќајни патишта и комуникациски текови, оваа област има извонредно и неверојатно богато минато и историска традиција.
Најстарите записи за Конче, под тоа исто име, датираат уште од 1019 година (11 век) од времето непосредно по поразот на Цар Самоил како и од 1366 година (14 век) кога е изградена прекрасната и велелепна црква Св. Стефан или позната и како Св. Богородица која и денес постои во селото Конче и токму оваа 2016 година одбележува 650 годинишнина од нејзината изградба, со што таа е и најстариот постоечки културно-историски споменик во цело Радовишко. Оваа црква во чиј двор непосредно до храмот се наоѓаат остатоци од голема средновековна кула (тврдина) била изградена од средновековните владетели Никола Станоевиќ и Георги Бранковиќ како завештание за гробот на неговата ќерка. Интересната појава, што оваа црква е позната под 2 имиња т.е. светители, се поврзува и со чудесната икона на Света Богородица, која сама се појавувала (преместувала) од гевгелискиот крај тука во црквата. За иконата на Света Богородица се сметала дека има исцелителна моќ, па покрај христијани во црквата за исцеление доаѓале и муслимани. Поради исцелителната моќ на иконата која била пронајдена во црквата на празникот „Св. Константин и Елена“, односно „Свети Цареи“, во црквата се одржувал голем панаѓур на кој се доаѓало поради исцеление на луѓето и со желба за плодност на полето. За исцелителната моќ на чудотворната икона во црквата во Конче пишувал и македонскиот преродбеник и собирач на народно творештво Марко Цепенков.
Доказ за значењето на целиот овој крај е фактот што во 1570 година (16 век) оваа област, во истите граници на денешната Општина Конче, била посебна управна административна единица Нахија Конче во рамки на Ќустендилскиот санџак. За целиот Лакавички крај на крајот на 19 век доста опширни описи дал и Ѓорче Петров во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, а со својата будност и посветеност во борбата за слобода на Македонија и Македонскиот народ особено се истакнале жителите на блиското и прочуено село Дедино, кое се наоѓа на половина пат меѓу Радовиш и Конче.
Работилницата за рачни бомби во селото била отворена кон крајот на 1896 година, но била затворена во ноември 1897 година. Во време на национално-ослободителното револуционерно движење во селото Дедино отседнале и престојувале двајцата македонски револуционери – великани, Гоце Делчев и Јане Сандански. Во 1897 година, во Дедино и Ињево се одвила Радовишката афера на МРО. На 25 август во Дедино, настанало убиство на двајца собирачи на такси за тутунот, кои посвоите зулуми станале несносливи за народот. Со ова убиство настанала таканаречената „Дединска афера“. Собирачите на данокот за тутун правеле многу пљачки низ селата, поради што месното раководство на ТМОРО во Радовиш донело решение да бидат спречени со сила, при што селската милиција во Дедино ги опколила и двајца од нив убила. Главатарот на групата бил ранет и успеал да избега, по што ја известил војската во Радовиш која го опсадила Дедино, при што во селото започнале претреси по куќите каде биле откриени складови со оружје и муниција, малтретирања и апсења во кои биле затворени 116 селани, а 123 биле измачувани. Дединската афера се проширила и на соседното село Ињево, а предизвикала цела низа провали и афери од тогашните власти врз македонското револуционерно и ослободително движење.
Но, овој крај нема да понуди само долга историја и кулутра, туку и убава природа и можности за прошетки и рекреација. Во 1978 година на реката Крива Лакавица е изградена браната и вештачкото езеро Мантово, едно од најголемите во источна Македонија. Пријатната клима со температура на водата од 24ºC во летниот период е погодна за капење и практикување на водните спортови, застапеноста на повеќе видови на риби создаваат добри предуслови за спортски риболов, а издолжените вертикални грамадни карпи во близина на ридовите Габровска Чука и Трескавец овозможуваат добри услови за алпинистичко искачување. За туристичката понуда на езерото Мантово, покрај одличниот пристап со извонреден асфалтен пат погоден за возење велосипеди, придонесуваат и големиот број на новоизградени викендички во урбанизираната туристичка населба веднаш крај браната над брегот во атарите на Долна Враштица и Долни Радеш, а тука се и бројните летниковци и новоизградените т.н. „влашки колиби“ кои се изградени во стар стил, од дрво, со бетонска подлога, а опремени се со кревет, маса и дрвени клупи.
Снимка од нашат прва годинешна Викиекспедиција во Лакавичко, каде се запознавме со убавините на овој крај на Македонија.