Збирка планински врвови во Македонија, искачени во рамки на V-те сезони на Планинарскиот предизвик „12 Врвови“ (2016 – 2021)

Во книгата „Планински врвови во Македонија“ која претставува збирка од 60 (поточно 61) планински врвови во Македонија, искачени во рамки на V-те сезони на Планинарскиот предизвик „12 Врвови“ (2016 – 2021), за секој врв ќе може да прочитате општи податоци, извештај од спроведените акции и важни податоци за патеки со должина и тежина, пристап и услови во местото и околината поткрепени со слики и географски карти со планинарските патеки од турите. Дополнително во оваа книга како додаток ќе прочитате детален опис на движењето на патеката и делниците (по денови) на Западна Македонска Трансверзала (ЗМТ) – Првата македонска планинарска трансверзала, врвот Кабаш на Кораб и патеката Вргањ на Попова Шапка.
Оваа книга – збирка, прва од ваков вид во Македонија, не е само вообичаено напечатување на податоци и фактографски запис на хартија туку е четиво во кое се проткаени илјадници чекори, стотици часови и километри и стотина организирани планинарски тури за искачување по врвовите на планините во Македонија овоплотена од илјадниците впечатоци и доживувања на сите планинари и посетители кои учествувале во петте сезони на планинарскиот предизвик „12 Врвови“. Она што, во пролетта, некаде во април 2016 се зароди како првична идеа под наслов планинарски предизвик „Македонски 10 / Macedonian 10“ за повеќемесечна или целогодишна програма на акции за искачување на 10-те највисоки врвови на одделните планински масиви на целата територија на Република Македонија, на почетокот на есента во октовмри 2016 ја доби својата конечна замисла како Планинарски предизвик „12 Врвови“ – целогодишна програма на планинарски акции за искачување на планински врвови, одбрани според своето специфично значење во однос на ретката посетеност и познатост, природните географски одлики како поставеноста на леднички езера во нивните подножја, природните биолошки одлики како застапеноста на ретки и ендемични растенија и биолошки видови на нивните падини или пак, според значењето што врвовите го имаат во историјата, археологијата, културно-историското минато, народното творештво, приказните и во преданијата, на различни планини по целата територија на Македонија. Во рамки на овие години на првата петолетка на планинарскиот предизвик „12 Врвови“ се искачени 60-ина врвови при што се пробиени и обележани 45 нови планинарски патеки во должина од над 762,4 километри од вкупно 1202,9 изодени километри на турите на кои се посетени 26 природни планински езера, 18 водопади, 8 пештери, 8 стари цркви и манастири и 9 древни македонски старини (ископини), наоѓалишта и важни места од македонската историја и култура како и неколку други природни реткости и знаменитости, а во неколку наврати беа засадени и над 500 зимзелени садници. Ваквото сеопфатно петгодишно уживање и истражување на планините во Македонија од кое ги споделуваме податоците во оваа книга-збирка, се надеваме дека ќе придонесе и послужи за понатамошно посетување, уживање и вреднување од планинарите, туристите и пошироката домашна и странска јавност со далекусежен добробит и придонес кон Македонија.