МАКЕДОНИЈА е нашето име, нашата земја, нашиот дом, нашата љубов! Ние сме МАКЕДОНЦИ и со таа свест живееме, твориме, создаваме, работиме, употребуваме, другаруваме, љубиме, постоиме, опстојуваме и битисуваме МАКЕДОНСКИ!
Во услови кога ние МАКЕДОНЦИТЕ и МАКЕДОНИЈА се наоѓаме во тешка и незавидна положба на потиснатост и угнетеност со одрекување на основните човекови права и слободи и присилно наметнување на туѓа волја по однос на тоа како ние, сосема праведно да се нарекуваме, изјаснуваме, живеемe и постоиме како МАКЕДОНЦИ и МАКЕДОНИЈА, она што ни преостанува е да БИТИСУВАМЕ МАКЕДОНСКИ, да живееме, твориме и опстојуваме како МАКЕДОНЦИ искажувајќи ја нашата нераскинлива поврзаност и љубов кон МАКЕДОНИЈА!
Наша обврска е да БИТИСУВАМЕ МАКЕДОНСКИ односно да дејствуваме и да ги засилуваме сите свои активности на промоција и поддршка на употребата на името МАКЕДОНИЈА во Македонија и светот, како име на нашата земја, во сите домени и сите активности било да се спортско-рекреативни, културни, научно-истражувачки, добротворни, општествено-корисни со цел негово опстојување на ова поднебје меѓу луѓето за негова трајна заштита, негување и опстанок како име на нашето постоење како засебна заедница на луѓе, израз на нашата слобода и човекови права и негов опстанок засекогаш за и покрај официјалните обврски на оваа „наша“ држава преку образованието и во јавната сфрера да го наметнува „новотo именување“ тоа активно да опстојува во сите, а особено при поволните услови кога Македонија и меѓународно (повторно) ќе се етаблира како држава, народ и нација со своето вистинско и единствено име – Македонија во светот и меѓународниот поредок.
Бидејќи од минатото учиме за иднината, доволно е да се потсетиме дека и кога нашиот народ не живеел во свое државно-политичко уредување, туку под туѓи власти и владеења, кои неретко и забранувале било каква употреба на името МАКЕДОНИЈА (укази на турскиот султан за забрана за користење на именувањето Македонија за трите вилаети, официјално именување на поробените делови на Македонија од Србија, Бугарија и Грција до 1988, со други имиња итн.), самиот народ сите негови поединци во своето секојдневно живеење и народното творештво на песни, приказни, умотворби, како и плејада на дејци и револуционери во своето поединечно книжевно творештво и организирано политичко-револуционерно дејствување постојано и масовно го користеле, а со тоа и утрврдувале, зајакнувале, негувале и внедрувале името МАКЕДОНИЈА и сите изведенки од него МАКЕДОНСКА/И/О (книжовна дружина, револуцонерна организација итн.) со тоа истакнувајќи го македонското постоење што во поволните услови се етаблирало и на највисоко ниво како име на слободната држава од 1944 и 1991 од чие постоење и битисување понатаму на меѓународно ниво ги промовира(ше) како наша препознатливост пред целиот свет сите македонски обележја како МАКЕДОНСКИОТ јазик (уште од 1972 и 1977 во ООН), признавањата како МАКЕДОНИЈА од над 130 земји што доведе да патуваме со пасоши и документи на кои пишува МАКЕДОНИЈА, нашите спортисти (последното светско ракометни првенство) да бидати именувани како Македонија, на бројни веб-страници, книги, изданија, секојдневна употреба да не именуваат, како што навистина сме – МАКЕДОНИЈА. Токму таа внедреност на името МАКЕДОНИЈА во нашите секојдневни животи како дел од нас е и главната причина што успеавме да ја победиме одлуката на ЕЕЗ (денес ЕУ) од Лисабонскиот самит од 1992 во која стоеше дека нема да ја признаат (нашата) држава доколу во нејзиното име го содржи зборот Македонија, па и во привремената референца („ПЈРМакедонија“) и денес со новонаметнатото име со Преспанската спогодба да се содржи и наоѓа зборот „МАКЕДОНИЈА“ во името. Затоа и денес, кога со насилно наметната Преспанска спогодба и од нејзиното слово произлегува и е пропишан опсег на употреба на нашето вистинско и единствено име МАКЕДОНИЈА (без никакви насилни и вештачки наметнати додавки) кој е строго ограничен и ќе биде предмет на постојано сузбивање во јавната сфера и официјалната употреба во сите домени, наша света должност и обврска и воедно најсилната и докажано успешна тактика (види ја претходната реченица погоре) е како поединци кои го сочинуваат ова општество, да пркосиме простум – да БИТИСУВАМЕ МАКЕДОНСКИ .
За таа цел, а за наша сеопшта дружба, творење, уживање во МАКЕДОНИЈА и со тоа облагородување на нашето секојдневно живеење каде го употребуваме и уште повеќе ќе го користиме нашето именување како МАКЕДОНЦИ и МАКЕДОНИЈА, ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА ја објавува оваа програма на активности во кои ќе БИТИСИУВАМЕ МАКЕДОНСКИ оваа пролет, во текот на целата година и понатаму во иднина (со надополнувања на нови активности):
- „ЗБОРОВИ ЗА МАКЕДОНИЈА“ – конкурс на книжевни творби во стихови и проза посветени на МАКЕДОНИЈА.
Отворен конкурс за деца, младинци и возрасни, без ограничување на возраста, образованието, полот, национална, верска припадност, за пишани дела во вид на песни, стихотворби, раскази и мислења (научни трудови и размислувања) посветени на Македонија, кои ја искажуваат љубовта, значењето и суштината на Македонија. Не постојат ограничувања во обемот и должината ниту во формата и стилот на пишување на творбите. Творбите треба да се напишани на македонски стандарден книжевен јазик и да се испратат на edinstvenamakedonija@gmail.com од 04.02. до 04.05.2019. Сите испратени творби ќе бидат собрани и објавени во печатено и електронско издание на збирка односно книга насловена „Зборови за Македонија“ . Во зависност од собраните средства од активирањето на добротворниот фонд МАКЕДОНИРАЈ ќе биде покриено печатењето и награди за најдобрите творби (кои би ги оценило и стручно жири кое) во вид на примероци од книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од Ѓорче Петров во издание на Единствена Македонија и други книги од различни автори посветени на Македонија.
- Вело-поход „По трагите на византиските императори во Тауресиум и Бадеријана“ – велосипедска тура во должина од 60 километри со посета на остатоците од ископините на древните градови Бадеријана кај с. Бадар и Тауресиум кај с.Таор во Скопско, каде се родени византиските цареви и импертори Јустин и Јустинијан I. Турата ќе се одржи во март, по терк на веќе одржаната во 2017 година, и се вози по претежно рамен терен низ рамнината на источниот дел на Скопската Котлина, 90% или нешто над 50км по асфалт и само мал дел крај Фазанеријата и остатоците од Катлановското Блато по земјен пат. Мало искачување не повеќе од 15о метри пред влезот на селата Бадар и Таор. Потребен е велосипед во добра возна состојба и основна до средна физичка подготвеност за возење. Турата е отворена и слободна за секој кој сака да учествува, таа е бесплатна, а оној кој сака може да остави доброволен прилог во МАКЕДОНИРАЈ по своја желба и износ.
- Издаваштво и промоција на книга со велосипедските патешествија на Слободан Трајковски низ сите предели на Македонија.
- Велосипедски прошетки до повеќе пештери (Христијанова, Дона Дука, Светла – Ледена) и ископини на древнини (Архео-парк Бразда, Римскиот аквадукт, Скупи) во Скопско и пешачко-планинарски прошетки со посета и етнографски разгледувања на македонски села, градби и предели со прекрасната природа и природни знаменитости како водопади, реки, цветни полјани на Скопска Црна Гора, Таорската Клисура, Шар Планина и ширум Македонија во текот на пролетта, за што поединечно ќе бида објавувани информации.
БИТИСУВАМЕ МАКЕДОНСКИ! УЖИВАМЕ ВО МАКЕДОНИЈА!