Планината Кораб, на која се наоѓа највисокиот врв во Македонија, со своите природни одлики изобилува со извонредни природни убавини, волшебно прекрасен крајолик исполнет со восхитувачки глетки на своите високи и остри врвови, стрмни падини, прекрасни водопади, езера и предели кои се главната
причина за нејзината голема привлечност за планинарите, туристите, вљубениците во природата. Истовремено заради својата местоположба и природните карактеристики на теренот, Кораб е и тешко пристапна, а со тоа и делумно непозната планина за пошироката јавност. Поттикнати од убавината на планината Кораб, со желба да ja приближиме пред пошироката јавност, а побудени од нашите многубројни посети, се решивме да оставиме Записи за Кораб, забележувајќи ги нашите искуства, сознанија и видувања од искачувањата на врвовите, престојувањата на падините, истражувањата и осознавањата на целиот простор на овој прекрасен планински масив, со сите негови предели и природни знаменитости. На овие страници пред вас се наоѓаат и ќе можете да прочитате многу податоци за планината Кораб, почнувајќи од нејзините природно-географски одлики, некои историски податоци за нејзиното име и планинарски походи во минатото; ќе прочитате, а со тоа и некои читатели ќе дознаат и за некои (не)истражени врвови, езера, кањони, водопади кои со изнесените точни податоци за нивната местоположба и одлики и предложеното именување, веруваме дека ќе бидат поттик за да отидете и да ги посетите и да се организираат и остварат посети за нивно изучување од стручната и од научната јавност. Исто така, ќе го прочитате и дневникот од нашето прво трансверзално минување на целото планинско било по сртот на Кораб, каде што изнесените детално опишани искуства за поминатото искуство по целиот корапски масив, искачените врвови, за првпат видените езера и ретки глетки, кампувањата, тежината и техничките карактеристики прибележани преку податоци во бројки, ќе бидат од помош во планирањето на вашите идни посети и походи на Кораб.
Преку именувањето и дадените податоци за точната местоположба, во сообразност со споделеното искуство од нашите посети на овие врвови, езера, места и предели, се надеваме дека ќе придонесеме да се препознаат овие места и нивната извонредна убавина и привлечност, како главен предмет за организирање планинарски акции и туристички посети, а со тоа да се најдат и понатаму во редовната туристичка понуда,
како и во туристичките промотивни материјали, брошури, патеводители и планинарски водичи. Нашите Записи за Кораб, немаат за цел исклучивост и ексклузивитет по која било основа. Планината Кораб како и сите планини и сета убава природа, припаѓаат на сите, на сите оние што ги сакаат и сакаат да ги посетуваат и да уживаат во нив. Овие записи се само едно сосема мало прибележување на нешта за кои искрено се надеваме дека ќе остварат придонес за зголемување на бројот на посети на планинарите и туристите, а со тоа и за поголемо искористување и развој на потенцијалите на Кораб, кој нуди извонредно големи можности во поглед на планинарството и туризмот, а со тоа и за сеопштото економско искористување, вреднување (валоризација) и добросостојба. Дополнително, се надеваме дека овие записи ќе поттикнат и ќе побудат желба да се остават и многу други записи за Кораб во иднината, кои ќе изнесат нови податоци, сознанија, именувања на места, врвови, предели и откривање на нови знаменитости кои ќе бидат предмет и причина на огромен број посети и уживање во корапските планински убавини, а исто така ќе бидат и урнек за да се остават, напишат и да се објават записи и за другите планини во Македонија.
Со особена чест и задоволство, пред вас ги претставуваме овие Записи за Кораб.