Мислата е двигател на сите дејствија на човекот во просторот и времето. Помислата е првиот чекор на почетокот на патот, размислата е водилката или патоказот кон крајната цел на човековото постоење – опстанокот и напредокот. Несомнена е неопходноста и исклучителната важност од изучувањето на просторот во кој живееме, делуваме и твориме, како и проучувањето на искуствата од минатите времиња за поцелисходни и поефектнивни одлуки во сегашноста и иднината. Од тие причини се развиле низа науки како географијата, историјата, економијата, геополитиката и геостратегијата, кои изучувајќи ги просторот и времето имаат за цел на човекот и неговите заедници, во прв ред општествата и државите, да им дадат сознанија и податоци за можностите, потенцијалите и приликите за најделотворно однесување и остварување на зацртаните цели, што како краен исход го имаат удобниот, успешниот, задоволниот и среќниот живот. Ние Македонците живееме, сме живееле и ќе живееме тука во Македонија. Од тие побуди во ова катче ќе се најдат и споделуваат ваши и наши истражувања, сознанија, податоци и гледишта за Македонија преточени во нашите печатени и on-line изданија на научно-истражувачки трудови, разгледи и книги за да побудат мисла и размислувања за нашиот опстанок, развиток, напредок и благосостојба, за МАКЕДОНИЈА!