Ни претставува особена чест и задоволство да ве известиме дека здружението ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА, го заврши проектот за превод, обработка и издавање на книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ напишана од македонскиот револуционер Ѓорче Петров, првично издадена во 1896 година. Овде ќе може подетално да се запознаете со нејзината содржина, нашата цел, замисла и намена на проектот за превод и издавање, неговото спроведување, замислата за нејзино претставување и распространување како и да погледнете некои слики од оригиналното и новото издание.
Книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ е опширен научен монографски труд посветен на проучувањето на Македонија од областа на географијата, економијата, етнографијата, етнологијата, историјата, лингвистиката, геостратегијата. Напишан е и издаден од Ѓорче Петров во печатницата В’лков во Софија во 1896 година со наслов на оригиналот „Материали по изучванието на Македония“. Книгата во основа е напишана на бугарски јазик со извонредно голем број на народни и стари архаични македонски, руски, турски и црковнословенски зборови и изрази, што во суштина во голема мера не соодветствува и се разликува со денешниот современ стил на бугарскиот јазик. Токму заради ова, покрај обемноста на книгата, на моменти преведувањето беше навистина сложено и тешко одземајќи многу време. Оригиналот на книгата содржи 734 страници текст и е поделена во четири главни делови: 1) Орографија на Скопско и Битолско – опис на релјефот, планините и котлините со правците на нивното протегање, разгранување и особености; 2) Хидрографија – опис на реките, речните сливови и езера; 3) Патни врски – опис на сообраќајните, патните и железничките врски; 4) Топографија – опширен и детален опис на географијата, економијата – производството и трговијата, животот, говорот, носиите и историјата на населението во селата и градовите во Тетовско и Гостиварско, Кичевско, Скопско, Кумановско, Кратовско, Кривопаланечко, Кочанско, Штипско, Радовишко и Леринско. Овие четири главни делови понатаму се поделени на одделни глави и поглавја посветени на Овие четири главни делови понатаму се поделени на одделни глави и поглавја посветени на растителниот свет, водите, патиштата, населението, стопанските односи, производството, земјоделството, трговските врски и можности, преданијата, обичаите, говорот и наречјата, средствата за сообраќај, изгледот, архитектурата и уредувањето на куќите, улиците, селата и градовите во соодветните предели области, така што книгата иако е првенствено насочена кон изучување тогашниот Скопски санџак (вилает) содржи огромен број на целосни или делумни податоци и информации за проучувањето и истражувањето на речиси цела денешна Република Македонија и делови од Егејска и Пиринска односно етничка Македонија.
Цел, замисла и намена на проектот за превод и издавање – Идејата за започнување на овој проект проникна уште во втората половина на 2012 година, а поконкретно започна да се остварува со обезбедувањето на фотокопија на оригиналот на книгата во март 2013 и започнувањето на преведувањето во јуни 2013 година, кое во целост беше изведено и завршено во ноември 2014 од Марио Шаревски, со стекнато научно звање магистер по геополитика на Карловиот Универзитет во Прага и претседател на здружението ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА. Имајќи ги превид огромниот и извонреден број на податоци, информации и материјали за Македонија кои ги содржи оваа книга, главната цел и намена на нејзиното преведување на современ и стандарден македонски литературен јазик е таа да се има и распространи во широка употреба во науката, образованието, уметноста, културата, туризмот во јавноста и современото живеење во Република Македонија. Во тој однос главната цел е книгата да служи како прирачник, помагало, извор и водич во рамки на: наставата по географија и историја во основните и средните училишта; наставата и научните истражувања за географијата, историјата, етнологијата, јазикот, фолклорот, економијата, архитектурата, сообраќајот на факултетите и научните институти и установи; водич при ученичките и самостојните екскурзии, излети, туристички тури и планинарските походи; материјал за изработка на сценографија за снимање на играни, документарни, турстички промотивни филмови, претстави и турстички брошури за Македонија. Текстот од книгата веќе на големо и референцирано се користи и за уредување на статии за населените места, областите, реките, планините, пределите во Македонија на слободната интернет енциклопедија ‐ Википедија на македонски јазик. За таа цел нашиот план е книгата да се достави (и подарува) до сите библиотеки, научни установи, училишта, туристички асоцијации, планинарски друштва и домови, домови за култура и културни центри во Македонија, здруженија на Македонци во соседните држави и македонските културни центри во странство. При што книгата веќе е искористена во проектот „Младите и историјата на Скопје“ спроведен во 3 скопски гимназии во есента 2015, а таа се користи и ќе биде главна награда за сите кои успешно ќе го исполнат Планинарскиот предизвик „12 врвови“.
Моментално, оригиналниот текст на книгата во целост и буквално е преведен и веќе е отпечатен на 484 страници во 200 примероци, со мали измени и поправки на одредени имиња на географските места (топонимите), имиња на народи односно етнички и верски заедници и имиња на занимања, занаети, стопански дејности и земјишни мерки со имиња, термини и зборови кои се денес општоприфатени во широка употреба и политичка коректност во јавноста, а со единствена цел полесно разбирање на денешниот читател од Македонија. Овие измени се многу мали и внимателно сообразени да не влијаат и да не ја променат веродостојноста, оригиналноста, смислата, вистинитоста и
самиот тогашен историски контекст кога е пишувана книгата, туку многу полесно со денешен јазик и смисла да се долови тогашниот историски моментум овековечен во оваа бесценета книга.
Претставување и како до примерок? Со оглед дека во 2016 година се навршуваат точно 120 години од првото оригинално издание на книгата, по официјалната промоција на преводот која ќе биде и своевидно одбележување на овој јубилеј, ќе се пристапи кон враќање во живот на првичната цел и вистинската намена на книгата – да се користи како материјал за изучување на Македонија! За таа цел во текот на целата 2016 година и понатаму ќе организираме бројни прошетки, походи, истражувања и уживања низ цела Македонија каде со оваа книга ќе прочитаме, научиме и увидиме што е исто, а што се изменило и притоа ќе оставаме по еден примерок во местата кои ќе ги посетиме, за тамошните луѓе, посетители, намерници и туристи да имаат еден убав и корисен патеписен водич за тој крај и за цела Македонија. Имајќи ги предвид нашиот план за понатамошно издавање на книги за Македонија и тешкотијата во обезбедувањето на парични средства за печатење и издавање на книги, доколку сакате ќе можете да добиете примерок по скромна цена од 600 денари, од кои сите собрани средства ќе одат за печатење и издавање на 3 нови книги: Велописи на Македонија – велосипедски патеписи од цела Македонија, Мариово – опширни проучувања и Земјоделството во Македонија – студија за неговото значење и можности, како и во добротворниот фонд МАКЕДОНИРАЈ.