Уживај во МАКЕДОНИЈА – ИЗГРЕВНО Езеро на КОРАБ

Планината Кораб, на која се наоѓа највисокиот врв во Македонија, со своите природни одлики изобилува со извонредни природни убавини, волшебно прекрасен горски крајолик исполнет со восхитувачки глетки на своите високи и остри врвови, стрмни падини, прекрасни водопади и езера меѓу кои и едно прекрасно езеро, сместено високо, најгоре на планинското било веднаш под главниот срт, чии бистри води блескаат и сјаат од зраците  на изгрејсонцето.  Токму оваа воодушевувачка глетка на оцртувањето на сонцето при изгрејсонце во езерските води при нашето своевидно „откривање“ односно прво здогледување и посета на езерото при трансверзалниот поход на Кораб, летото 2019, нè поттикна и да му го дадеме името Изгревно Езеро.  

Изгревно_Езеро_на_Кораб_01 IMG_2269

Местоположба и пристап

Изгревно Езеро се наоѓа на источната македонска страна непосредно до главниот срт на протегање на планината Кораб. Сместено е во цирк помеѓу врвот Боази на север и високопланинскиот превој Цигански Премин на југ, веднаш западно и непосредно над големиот цирк Ујт Калар, на јужното подножје под врвот Боази на надморска височина од 2318 метри. Езерото се наоѓа на координатите 41°44’54.4″ северна географска широчина и 20°31’15.7″ источна географска должина, на пределот помеѓу врвот Боази на север и високопланинскиот преслап (седло) Цигански Премин на југ, на источната страна веднаш до самиот срт на територијата на Македонија.

Изгревно_Езеро_на_Кораб_02Korab_lake

Иако тоа e постојано природно езеро, поради многу тешката пристапност на пределот и големата оддалеченост, тоа не е обележано на ниту една од географските и топографски карти и е речиси целосно непознато и непроучено од науката и јавноста, а исто така е и многу ретко посетувано од посетители – овчари и планинари заради што се наметна и потребата за негово именување и споделување податоци за запознавање на пошироката јавност.

Изгревно Езеро 3010Изгревно_Корапско_Езеро_17

Пристапот до езерото е многу тежок и покрај тоа што веднаш над него на 100ина метри по планинскиот срт води и минува доброразгазената некогашна граничарска патека. Сепак за да се стигне до Изгревно Езеро е потребно многу долго и напорно пешачење, кое вреди со секој чекор низ планинскиот предел со извонредно прекрасна природа.  Едниот можен начин за пристапување е од  југ од страната на превојот Цигански Премин (2305 м.) до каде најбрзо и најблиску можете да дојдете од селото Грекај по долината Чапарец каде се наоѓа преубавиот буен водопад со неколку слапови на потокот Дагон и низ која ќе мора да прескокнувате бројни паднати дрвја и стебла во (пра)шумата, во должина од 10 км во еден правец и времетраење од 4,5 – 5 часа (види: gps запис од ViewRanger). Уште една, малку подалечна можност од јужната страна започнува од селото Тануше крај неколкуте природни езера (Бачилско, Осојно, Долно и Средно)  сместени пониско на планинското било на Кораб, до превојот Шкртец (2020 м.) па по граничарската патека под величествените врвови Шупла Стена (2440 м.), Црн Камен (2416 м.) и Дерза (2405 м.) се до споменатиот превој Цигански Проход. Другиот можен начин на пристап до Изгревно Езеро е од север од страната на врвот Боази (2515 м.) од долината на Длабока Река, скршнувајќи југозападно над познатиот Корабски Пројфелски Водопад, во должина од над 20-22 км во еден правец и времетраење од над 10 часа. Ваквата голема одалеченост и тешка пристапност го прават Изгревно Езеро како многу погодно место за кампување (логорување со преноќување) со шатор(и) крај бујните треви со разни шарени миризливи цвеќиња на неговите брегови.

Именување и изглед

Ова езеро се одликува со особена убавина и поради својата источна поставеност од сртот особено блеснува со оцртување на сонцето во езерските води при изгрејсонце, поради што може да се нарече Изгревно Езеро. Поради својата местоположба близу до превојот Цигански Проход, езерото многу поретко би можело да биде познато и како Циганско Езеро или пак како eзеро  Боази-Боашко Езеро поради близината до врвот Боази, но сепак восихтувачката убавина на отсјајот на сонцето на површината на езерските води поради неговата источна поставеност од сртот на планинското било во спој со глетката на прекрасните остри зашилени планински врвови кои го опкружуваат наметнуваат најсоодветно да биде именувањето како Изгревно Езеро. Именувањето како Изгревно Езеро е особено многу погодно за негова поширока и а(тра)ктивна туристичка промоција, а воедно соодветсвува и со побудувањето на своевидниот изгрев на најпрекрасни чувства на восхит и воодушевување штом ќе се здогледа таа волшебна глетка, на преубаво бистро езеро сместено во пространство со  исполнето со бескрајни планини, после долгото и напорно искачување и  пешачење по стрмните падини и беспаќа на Кораб.

Езерото се одликува со исклучително многу убава глетка како и целиот крајолик во неговата непосредна околина и пространство исполнето со величествени остри врвови на Кораб (но и глетка на гребенот на Бистра во далечината), кои го опкружуваат Изгревно Езеро од север, запад и југ, при што циркот во кој се наоѓа има отвореност само кон исток и југо исток, давајќи му изглед на езерото и непосредната околина како на „бисер во школка“.

Обликот на езерото е издолжен, овален и заоблен со послабо наликување на крушовиден или јајцевиден изглед, со најголема должина на протегање во правец северозапад-југоисток и најголема широчина на протегање во правец југозапад-североисток, при што западниот езерски брег е речиси права линија, додека источниот брег е прилично заоблен, како и северниот и јужниот брег кои се со помала заобленост.

20200703_15555720200703_164510

Езерото има постојан водостој и неговата длабочина изнесува околу 1,5 метри. Водостојот е постојан и непроменлив преку целото лето и во најтоплите денови, а во зима тоа замрзнува и е затрупано со снег. Дното на езерото е земјено (тињесто) и делумно каменесто, поради што езерската вода се одликува со голема бистрина, а поради тревнатите брегови и околина, погледнато од подалеку езерската површина има темнозелена (смарагдна) боја. Езерото нема истека, а со вода се храни од врнежите и топење на снежниците, кои поради затвореноста и засенченоста на циркот во кој се наоѓа, од три страни југ,запад и север, снегот останува подолго заради што се топи подоцна и подолго време, хранејќи го со вода и давајќи му помалку променлив постојан водостој со помала колебливост.

Од нашите неколку посети во различни месеци во периодот од мај до октомври е забележано дека на крајот на мај (24.05.2021) езерото е сè уште целосно замрзнaто и затрупано со висока снежна покривка и дури во втората половина кон крајот на јуни, на летната долгодневица (20-21.06.2020) речиси нешто помалку од половина (45-50%) од езерската површина се уште е замрзната и под снег во напредна фаза на топење, а останатиот дел е одмрзнат и со студена вода. Веќе на почетокот на месец јули, езерото е сосема односно целосно одмрзнато, а неговите  бистри води загреани од сончевите зраци се сосема пријатни за капење, дури и по врнежи од град на помалку од еден час претходно (03.07.2020). Кон крајот на месец јули (27.07.2019), август и септември езерските води се сосема бистри и со пријатна свежина и (млака) топлина и поради засенчената поставеност тие не се загреваат и испаруваат премногу. Кон крајот на октомври (30.10.2021) при налетот на есенските студови, езерските води во северниот дел на езерото веќе подмрзнуваат со тенок слој на мраз.

Според своите одлики, најверојатно потеклото на ова езеро е циркно, односно ерозивно-циркно или циркно-моренско, при што тоа е настанато во преиздлабениот дел на циркот каде што започнале да се движат планинските мразници.

20211030_12532420211030_123007

Изгревно Езеро и планината Кораб со својата неодолива природна убавина силно нè привлекуваат да ги посетуваме насладувајќи се на преубавата недопрена природа, која нескромно кажано, е вистинско скриено богатство и волшепство на Македонија. Престојот во ова прекрасно ремек-уметничко дело на природата остава толку силен впечаток кој останува да се проткајува низ деновите и годините, изгревајќи ни во мислите и огревајќи нè со најубавите спомени и желби пак и повторно во некој летен ден да отидеме и да се навратиме на Изгревно Езеро. Пред да заминете во поход и да уживате во глетката и крај водите на Изгревно Езеро погледнете ја и снимката од првото капење во водите на Изгревно Езеро:

Уживај во МАКЕДОНИЈА #64: ИЗГРЕВНО ЕЗЕРО на КОРАБ – YouTube

Битисуваме МАКЕДОНСКИ!

МАКЕДОНИЈА е нашето име, нашата земја,  нашиот дом, нашата љубов! Ние сме МАКЕДОНЦИ и со таа свест живееме, твориме, создаваме, работиме, употребуваме, другаруваме, љубиме, постоиме, опстојуваме и битисуваме МАКЕДОНСКИ!

Во услови кога ние МАКЕДОНЦИТЕ и МАКЕДОНИЈА се наоѓаме во тешка и незавидна положба на потиснатост и угнетеност со одрекување на основните човекови права и слободи и присилно наметнување на туѓа волја по однос на тоа како ние, сосема праведно да се нарекуваме, изјаснуваме, живеемe и постоиме како МАКЕДОНЦИ и МАКЕДОНИЈА, она што ни преостанува е да БИТИСУВАМЕ МАКЕДОНСКИ, да живееме, твориме и опстојуваме како МАКЕДОНЦИ искажувајќи ја нашата нераскинлива поврзаност и љубов кон МАКЕДОНИЈА!

Наша обврска е да БИТИСУВАМЕ МАКЕДОНСКИ односно да дејствуваме и да ги засилуваме сите свои активности на промоција и поддршка на употребата на името МАКЕДОНИЈА во Македонија и светот, како име на нашата земја, во сите домени и сите активности било да се спортско-рекреативни, културни, научно-истражувачки, добротворни, општествено-корисни со цел негово опстојување на ова поднебје меѓу луѓето за негова трајна заштита, негување и опстанок како име на нашето постоење како засебна заедница на луѓе, израз на нашата слобода и човекови права и негов опстанок засекогаш за и покрај официјалните обврски на оваа „наша“ држава преку образованието и во јавната сфрера да го наметнува „новотo именување“ тоа активно да опстојува во сите, а особено при поволните услови кога Македонија и меѓународно (повторно) ќе се етаблира како држава, народ и нација со своето вистинско и единствено име – Македонија во светот и меѓународниот поредок.

Бидејќи од минатото учиме за иднината, доволно е да се потсетиме дека и кога нашиот народ не живеел во свое државно-политичко уредување, туку под туѓи власти и владеења, кои неретко и забранувале било каква употреба на името МАКЕДОНИЈА (укази на турскиот султан за забрана за користење на именувањето Македонија за трите вилаети, официјално именување на поробените делови на Македонија од Србија, Бугарија и Грција до 1988, со други имиња итн.), самиот народ сите негови поединци во своето секојдневно живеење и народното творештво на песни, приказни, умотворби, како и плејада на дејци и револуционери во своето поединечно книжевно творештво и организирано политичко-револуционерно дејствување постојано и масовно го користеле, а со тоа и утрврдувале, зајакнувале, негувале и внедрувале името МАКЕДОНИЈА и сите изведенки од него МАКЕДОНСКА/И/О (книжовна дружина, револуцонерна организација итн.) со тоа истакнувајќи го македонското постоење што во поволните услови се етаблирало и на највисоко ниво како име на слободната држава од 1944 и 1991 од чие постоење и битисување понатаму на меѓународно ниво ги промовира(ше) како наша препознатливост пред целиот свет сите македонски обележја како МАКЕДОНСКИОТ јазик (уште од 1972 и 1977 во ООН), признавањата како МАКЕДОНИЈА од над 130 земји што доведе да патуваме со пасоши и документи на кои пишува МАКЕДОНИЈА, нашите спортисти (последното светско ракометни првенство) да бидати именувани како Македонија, на бројни веб-страници, книги, изданија, секојдневна употреба да не именуваат, како што навистина сме – МАКЕДОНИЈА.  Токму таа внедреност на името МАКЕДОНИЈА во нашите секојдневни животи како дел од нас е и главната причина што успеавме да ја победиме одлуката на ЕЕЗ (денес ЕУ) од Лисабонскиот самит од 1992 во која стоеше дека нема да ја признаат (нашата) држава доколу во нејзиното име го содржи зборот Македонија, па и во привремената референца („ПЈРМакедонија“)   и денес со новонаметнатото име со Преспанската спогодба да се содржи и наоѓа зборот „МАКЕДОНИЈА“ во името.  Затоа и денес, кога со насилно наметната Преспанска спогодба и од нејзиното слово произлегува и е пропишан опсег на употреба на нашето вистинско и единствено име МАКЕДОНИЈА (без никакви насилни и вештачки наметнати додавки) кој е строго ограничен и ќе биде предмет на постојано сузбивање во јавната сфера и официјалната употреба во сите домени, наша света должност и обврска и воедно најсилната и докажано успешна тактика (види ја претходната реченица погоре) е како поединци кои го сочинуваат ова општество, да пркосиме простум – да БИТИСУВАМЕ МАКЕДОНСКИ .

За таа цел, а за наша сеопшта дружба, творење, уживање во МАКЕДОНИЈА и со тоа облагородување на нашето секојдневно живеење каде го употребуваме и уште повеќе ќе го користиме нашето именување како МАКЕДОНЦИ и МАКЕДОНИЈА, ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА ја објавува оваа програма на активности во кои ќе БИТИСИУВАМЕ МАКЕДОНСКИ оваа пролет, во текот на целата година и понатаму во иднина (со надополнувања на нови активности):

  • ЗБОРОВИ ЗА МАКЕДОНИЈА“ – конкурс на книжевни творби во стихови и проза посветени на МАКЕДОНИЈА.
    Отворен конкурс за деца, младинци и возрасни, без ограничување на возраста, образованието, полот, национална, верска припадност, за пишани дела во вид на песни, стихотворби, раскази и мислења (научни трудови и размислувања) посветени на Македонија, кои ја искажуваат љубовта, значењето и суштината на Македонија. Не постојат ограничувања во обемот и должината ниту во формата и стилот на пишување на творбите.  Творбите треба да се напишани на македонски стандарден книжевен јазик и да се испратат на edinstvenamakedonija@gmail.com од 04.02. до 04.05.2019. Сите испратени творби ќе бидат собрани и објавени во печатено и електронско издание на збирка односно книга насловена „Зборови за Македонија“ . Во зависност од собраните средства од активирањето на добротворниот фонд МАКЕДОНИРАЈ ќе биде покриено печатењето и награди за најдобрите творби (кои би ги оценило и стручно жири кое) во вид на примероци од книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од Ѓорче Петров во издание на Единствена Македонија и други книги од различни автори посветени на Македонија.

cover za fb KONKURS za MAKEDONIJA

  • Вело-поход „По трагите на византиските императори во Тауресиум и Бадеријана“  – велосипедска тура во должина од 60 километри со посета на остатоците од ископините на древните градови Бадеријана кај с. Бадар и Тауресиум кај с.Таор во Скопско, каде се родени византиските цареви и импертори Јустин и Јустинијан I. Турата ќе се одржи во март, по терк на веќе одржаната во 2017 година, и се вози по претежно рамен терен низ рамнината на источниот дел на Скопската Котлина, 90% или нешто над 50км по асфалт и само мал дел крај Фазанеријата и остатоците од Катлановското Блато по земјен пат. Мало искачување не повеќе од 15о метри пред влезот на селата Бадар и Таор. Потребен е велосипед во добра возна состојба и основна до средна физичка подготвеност за возење. Турата е отворена и слободна за секој кој сака да учествува, таа е бесплатна, а оној кој сака може да остави доброволен прилог во МАКЕДОНИРАЈ по своја желба и износ.
  • Издаваштво и промоција на книга со велосипедските патешествија на Слободан Трајковски низ сите предели на Македонија.
  • Велосипедски прошетки до повеќе пештери (Христијанова, Дона Дука, Светла – Ледена) и ископини на древнини (Архео-парк Бразда, Римскиот аквадукт, Скупи) во Скопско и пешачко-планинарски прошетки со посета и етнографски разгледувања на македонски села, градби и предели со прекрасната природа и природни знаменитости како водопади, реки, цветни полјани на Скопска Црна Гора, Таорската Клисура, Шар Планина и ширум Македонија во текот на пролетта, за што поединечно ќе бида објавувани информации.

БИТИСУВАМЕ МАКЕДОНСКИ! УЖИВАМЕ ВО МАКЕДОНИЈА!

Уживај во МАКЕДОНИЈА – Триезерски поход на ПЕЛИСТЕР и ПРЕСПА

„… бистро езеро погледниш или планина

сегде божева је хубавина“

– Константин Миладинов, „Т’га за југ“,

И навистина токму овие стихови безвременски ја опишуваат прекрасната  природна  убавина на Македонија, а доколку бараме делче од шареноликиот прекрасен мозаик на македонски крајолици и природни убавини кои најблиску го опишуваат овие стихови е токму Пелистер на планината Баба која на самото свое планинско било ги крие двете природни леднички езера популарно наречени „Пелистерски Очи“, а на своето западно подножје е оградена од брегот на големото природно тектонско Преспанско Езеро во истоимената котлина Преспа.

Пелистерски очи
Големо езеро – Пелистерски очи

Планината Баба чиј највисок врв Пелистер (2601 м.н.в.) кој е толку познати прочуен што често со неговотото име се именува и целата планинска верига на која е распослан истоимениот национален парк „Пелистер“ (основан во 1948 година) и воедно е синоним за градот Битола и се она што произлегува од неа, се протега во меридијански правец север – југ помеѓу котлините Пелагонија на исток и Преспа на запад, во југозападниот дел на Република Македонија. Позната и многу посетувана уште одамна во планинарството и туризмот, пристапот до Баба и Пелистер е одличен, со широки и добри асфалтни патишта од градот Битола до најпознатите туристички капацитети во селата Ниже Поле каде има и скијачки терени, Трново, Магарево, Маловишта, хотелот „Молика“, ски-центарот и познатиот планинарски дом во обнова „Копанки“, а исто така пристапноста до падините на Баба од преспанската страна е извонредна со широк и одличен афалтен пат од (Битола) и Ресен покрај источниот брег на Преспанското Езеро почнувајќи од Подмочани на север па преку до Претор, Сливница, Наколец, Љубојно, Брајчино се до Долно Дупени на југ. Исто така, како познат национален парк, планината изобилува со бројни одлично и јасно обележани планинарски патеки, кои се доста посетувани и добро одржувани до битолските планинарски друштва, кои ги има во значителен број и со големо членство.

12003205_1660097774234726_5633333430290966886_n

Малото Пелистерско Езеро со врвот Пелистер во позадината

Благодарение на доброобележаните патеки и сместувачките капацитети, пред се планинарскиот дом Големо Езеро, овие природни убавини на Пелистер се одлична викенд дестинација преку своевиден „Триезерски поход“, каде во два дена имате можност да посетите 3 езера: двете Пелистерски очи и Преспанското езеро и да го искачите врвот Пелистер.

Почнувајќи од месноста Лак Поток над некогашното детско одморалиште „Стрежево“ помеѓу убавите викендички над Нижеполе, патеката води по пределот Дебел Рид, најпрвин меѓу ливади полни со боровинка и разновидна шума составена од брези, лески и борови – молики. За околу час и половина се напушта шумата и се излегува на голата падина со смреки и боровинки од каде крај една занимлива карпа која нуди прекрасен поглед кон целата долина на Сапунчица и Драгор се достигнува до долот на потокот Езерска Река. До овој предел има 3 чешми со бистра, студена и силен дотек на вода. Минувајќи ја Езерска Река покрај добро обележаните и чести зимски маркации столбови се здогледува и стигнува до планинарскиот дом „Димитар Илиевски – Мурато“ сместен на 2218 м.н.в. веднаш до самото Големо Езеро.  До планинарскиот дом исто така може да се стигне пеш или со теренско возило од хотелот „Молика“ преку месноста Јоргов Камен и Малото Пелистерско Езеро по широк земјен пат наречен „француски“ бидејќи е граден уште од времето на Првата светска војна кога тука минувала линијата на познатиот Македонски или Солунски фронт. Овој земјен пат е често посетуван и од љубители на планинскиот велосипедизам и возењето џипови.  Искачувањето до Големото Пелистерско Езеро опфаќа три часовно пешачење.

Сместувајќи се во самиот планинарски дом, кој е грижливо чуван и одржуван и нуди големо удопство и уживање, имате можност во должина и времетраење од околу час и половина искачувајќи се преку гребенот што се испушта од врвот Ветерница веднаш над домот и големото езеро и одејќи по широк, а потоа и потесна планинарска патека да достигнете до Малото Пелистерско Езеро. Уживајќи крај неговите бистри и студени води и бреговите на кои има полно малини и боровинки во летниот период. Од брегот на Малото Езеро ќе го здогледате и врвот Пелистер, до кој води доброобележана патека во времетраење од уште 1,5 час од Малото Езеро преку цик-цак искачување до (под) врвот Широко Стапало и оттаму по широк пат до самиот врв каде се наоѓаат Антените и спомен обележјето за Димитар Илиевски – Мурато на Димев Врв.

87 12036806_1660097704234733_3852387735391799142_n

Големо Пелистерско Езеро познато и само како Големо Езеро е постглацијално ледничко езеро кое се наоѓа во изворишниот дел на Езерска Река, лева притока на реката Сапунчица, источно од врвот Вртешка, на надморска висина од 2.218 м. Езерото е во рамките на Националниот парк Пелистер. Настанато е со заемно дејство на ерозивните и акумулативните глацијални процеси, во преиздлабениот дел на циркот, кој од јужната и источната страна е заграден со моренски бедем, чија должина изнесува 320 м. Во правец југозапад-североисток езерото е долго 228 м, а најголемата ширина во правец ји–сз изнесува 196 м. Вкупната должина на езерскиот брег изнесува 785,25 м, а во овие рамки тоа зафаќа површина од 42.000 м2. Најголемата длабочина при највисокиот водостој изнесува 17,2 м, додека при најнизок водостој таа е 13,8 м, односно просечната длабочина при среден водостој е 15,5 м според што тоа е трето по длабочина природно езеро, а најдлабоко планинско езеро во Македонија.

Малото пелистерско езеро е постглацијално ледничко езеро кое се наоѓа на планината Баба во рамките на Националниот парк Пелистер. Езерото се наоѓа во изворишниот дел на Црвен Река која е лева притока на реката Сапунчица на северо-источната падина на планината Баба. Сместено е во вдлабнатина – цирк на надморска височина од 2.190 метри веднаш североисточно под самиот Партизански Врв висок 2.349 метри надморска височина. Настанокот на езерото датира во времето на после ледничкиот (пост-глацијалниот) период пред околу 10 до 12.000 години. Малото Пелистерско Езеро зафаќа поввршина од 7.440 m², а неговата најголема должина измерена во правец југ – југо-запад – исток – северо-исток изнесува 144 метри, додека најголемата широчина измерена во правец запад – исток изнесува 73 метри[3]. Најголемата длабочина на езерото при висок водостој изнесува 3,35 метри, а при апсолутно најнизок водостој изнесува 2,35 метри, односно просечаната длабочина изнесува 2,85 метри

Единствената точка од која може во видикот да се здогледаат двете езера се наоѓа веднаш штом се искачи на котата односно сртот над планинарскиот дом на Големото Езеро на патеката која води за врвот Пелистер и Малото Езеро.

Поради својата убавина двете пелистерски езера отсекогаш го привлекувале вниманието на луѓето, па така тие се и предмет на преданија и легенди во македонското народно творештво.  Меѓу народот постои следното предание (легенда) како настанале овие две леднички езера познати како Пелистерски или Горски Очи. Во дамнешни времиња во минатото, на планината Баба под Пелистер живееле братчето Јорго и сестричката Флора кои имале свое стадо овци кое среќни го напасувале по целата планина. Еден ден братчето се изгубило, по што сестрата започнала безуспешна потрага по која започнала непрестајно деноноќно да плаче и жали за својот загубен брат. Плачејќи непрестајно, солзите се слевале во двете вдлабнатини во кои се создале овие езера. Изнемоштена од тага, сестрата пред да почине кога ги видела убавите езера кои се создале им проговорила ако некогаш го видат нејзиниот брат да му пренесат да се измие и напие од нивните води за така таа да го помилува.

За Пелистерските езера пишувал и Ѓорче Петров во своето познато дело Материјали по изучувањето на Македонија каде опишувајќи ја пелистерската планинска верига запишал дека на гребенот Гривата има две мали езера. Поисточното  од нив кое е поблиску до Пелистер, е поголемо, а другото кое е кај понискиот врв е помало (обиколката не му е поголема од 5-6 минути). И двете претставуваат длабоки пропасти исполнети со вода, заобиколени со високи карпести скали. Како што вообичаено бидува со планинските езера, така и за Пелистерските езера постојат разни верувања. Според зборовите на овчарите и тие две езера се без дна. Некои овчари се заинтересирале да ја испитаат нивната длабочина. За таа цел тие три години по ред плетеле едно јаже од коноп, за да го пуштат внатре. На крајот на третата година тие заврзале еден камен на крајот на исплетената врвка. Врвката завршила, а каменот сѐ уште ја оптегнувал и завлекувал. Со тоа овчарите се увериле дека езерата се без дно. Според едно друго верување, тие си имаат за стопан еден голем змеј, кој што живеел и во двете езера, префрлувајќи се од едното во другото. Местните жители веруваат дека изворот кај с.Нисја, кое што се наоѓа на 1 ½ час источно од Воден, потекнува од овие езера. Откритието на тоа, како и на секаде, се должи на овчарите. Некој овчар го испуштил својот кавал во големото езеро, а татко му кој бил воденичар во Нисја го пронашо кавалот на изворот кај тоа село. Поттикнат од тоа откритие, синот во езерото пуштал заклани овни завиени во кожи, кои татко му ги пречекувал на изворот. Неговиот господар кога најпосле ја дознал таа работа го заклал овчарот и го фрлил во езерото и кога еден ден неговиот татко излегол на изворот да чека брав, го дочекал сина си.

12019830_1660083530902817_903460049868378502_n 12004099_1660103887567448_8713676567594013839_n

Од планинарскиот дом крај Големото Пелистерско Езеро  започнува и води директна добро обележана планинарска патека кон селото Брајчино во Преспа. Патеката започнува во јужен правец по широкиот колски „француски“ пат минувајќи меѓу врвовите Ветерница (2420 м.н.в.) и Мразарник (2235 м.н.в) од каде достигнува близу врвот Голема Грива (2215 м.н.в.) крај кој се наоѓаат уште две мали повремени природни и убави езерца наречени Орлови Бари. Искачувајќи го планинскиот превој – седло веќе се открива првата прекрасна глетка на двете Преспански Езера ширно распослани со Галичица во далечната позадина и простирањето на шумовитиот длабок дол на Брајчинска Река.  Поминувајќи две камени реки, кои се препознатлива природна знаменитост на оваа планина, патеката се  спушта низ малини и ретки брези и грмушки до една карпа со прекрасна глетка кон Преспанското Езеро. Оттука, веќе се навлегува во густата букова шума на долот на Брајчинска Река од каде по уште околу 2 часа се стигнува во Брајчино. Вкупното времетраење на минувањето на патеката од Големото Езеро до Брајчино опфаќа околу 5 часа пешачење, кое на места треба да биде внимателно заради климавите камења кои се минуваат, но во секој случај се оди по одлично обележана патека исполнета со прекрасни глетки и предели.

Достигнувајќи до Брајчино потонато во зеленило и шаренило од јаболкници и овоштарници веќе започнува асфалтен пат до соседното Љубојно, село со ретка и убава специфична староградска архитектура на куќите, поради дологодишната вековна печалбарска традиција на неговите жители кои ги носеле најновите трендови во своето место. Оттука веќе се простира ширната Преспа со многубројните плажи почнувајќи до Маркова  Нога под Долно Дупени, обновените супермодерни плажи во Сливница па се до Претор, каде крај водите на Преспа може да го крунисате овој прекрасен поход и да потоне вашиот поглед во глетките на овие македонски убавини кои, да се вратиме на стиховите на Миладинов од почетокот, „ја греат душата“!

#УживајВоМАКЕДОНИЈА

МАКЕДОНИЈА засекогаш!

Македонија, Македонците и воопшто македонските граѓани ги живеат своите судбоносни денови , од кои во целост ќе зависи иднината на опстанокот на оваа земја, државна творба, народна заедница препознатливи и самобитни поврзани со името Македонија. На 17 јуни се потпиша спогодбата во преспанското село Нивици, со која ќе се постави нова основа на меѓусебните, долго обременети, односи помеѓу Македонија и Грција, но која исто така во доста (не)догледна иднина ќе го определи местото на Македонија и нејзината препознатливост како самобитен енитет во светот.

За околностите кои доведоа до склучување на оваа спогодба, се најбитни повеќе чинители, секако во прв ред самите влади како главни управни тела во двете држави и секако уште повеќе самите актуелни геополитички околности и миг, за кои пишавме претходно, а кои двете најголеми геополитички сили во овој дел на светот каде се наоѓа Македонија отворено преку своите претставници секојдневно веќе потврдуваат  – дека „решението на спорот“ и неговите последици (во прв ред приклучувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, за кои прифаќањето на овој договор е поставен како првенствен, единствен и главен услов) имаат позитивно/негативно влијание за нивните геополитички интереси и геостратегии.

ЗА ДОГОВОРОТ И НЕГОВОТО ВЛИЈАНИЕ

Како што е наведено погоре, доволно е да се даде оценка и мислење за договорот, на основа на две главни претпоставки за неговото влијание:

1) поставување нова основа на меѓусебните односи помеѓу Македонија и Грција

2) определување на местото на Македонија и нејзината препознатливост како самобитен ентитет во светот

И по двете овие претпоставки, Преспанската спогодба, е крајно лоша и неповолна за Македонија.

Односите меѓу Македонија и Грција, уште многу пред основањето на двете  современи држави, уште на ниво на поединци припадници на две различни заедници со различни јазици, култури, припадности, свест, развиток, положба и интереси биле обременети и исполнети со судири, непријателства и спротиставеност. Сите сме пред се луѓе и секогаш треба да се стремиме и веруваме во општочовечката добрина и на нејзината основа да постапуваме во секојдневниот живот. Убави се постојаните изјави на премиерот Зоран Заев и уште почестите на министерот Никола Димитров, дека „добиваме нов пријател“, „ќе бидеме (вечни) сојузници“ (небаре стапуваме во брак на бескрајна љубов додека смртта не не раздели) но да бидеме искрени, тие се илузорни, и безмалку само мечти и убави фантазии кои треба да бидат на врвното место на нашите погледи кон Грција и сите други држави во светот, но големата државна (гео)стратегија на Грција, претставена преку нејзината големо-национална Мегали Идеа  и сето постигнато, здобиено и засновано на неа во однос на денешната нејзина територијална целовитост и постоење (а во многу што, всушност и највеќе настрадаа Македонците протерани, убивани и уништени на најѕверски геноциден начин, а и денес често третирани, без разлика чии државјани се, на тој начин од голем дел на грчката држава и општество) никогаш нема да ја гледа Македонија како свој „пријател, сојузник“, макар што зачленети во истите сојузи (ЕУ и НАТО, било под кое име дали Македонија, привремената референца или сегашниот предлог за промена) секако ќе бидеме сојузници. И имајќи ја предивид природната различност (и спротиставеност) Грција, свесна за своите придобивки на штета на Македонија (која секако никој никогаш нема да ја побара), секогаш ќе гледа да си ја обезбеди својата надмоќна положба и да ја држи и обликува Македонија според своите интереси.

Затоа Грција го измисли и создаде овој „спор за името“ (Македонија нема никаква вина по ниту една основа и спротиставен аргумент  – отворено подвлекувам и тврдам!) , а со Преспанскиот договор и посебно одредбите за „севкупна употреба“ и внатре отворено доби можност во надредена и надмена положба над Македонија директно да го сузбива македонското битисување, покрај надвор (во светот) сега и внатре (во Македонија). Јас лично, долго бев убеден дека спорот за името Грција го користи како (геополитичка) алатка за остварување на својата (гео)стратешка цел сузбивање и уништување на Македонија. Но во секое лошо добро, сепак истрајноста и големите придобивки кои Македонија ги избори досега, благодарение што природно како самобитен енитет се препознава на основа на тоа што е поврзана со името Македонија и како таква светот не прифаќа(ше), и во овие услови дојдовме до тоа сепак и во ова ново, крајно лошо и неповолно решение да стои зборот „Македонија“. Но, тоа не е никаква „победа“, па затоа договорот е лош и неповолен бидејќи:

  • Иако нашата држава во името ќе го  содржи зборот Македонија, со овој договор во ниту еден случај нашата држава за било што произлегува од неа како установа (институција), производ, претставништво нема да смее да ја користи придавката „македонски“. Значи, најобична лага е дека се заштитува „идентитетот македонски“ кога се она што ќе се поврзува и произлегува од нашата држава, внатре во неа и надвор во светот, нема да смее да се именува и препознава како македонски, туку само како „на северна Македонија“ …. нашите власти и надворешните дипломати отворено го признаваат ова кога велат дека сите македонски установи ќе мора да си ги променат имињата, но вешто го пренасочуваат вниманието со рекламните спотови за благодетите на ЕУ и НАТО, чии вредности (секако не до 100% потполност) може законски, правно и суштински да се спроведат во македонскиот правен, економски, политички, безбедносен, културен поредок и без промена на името.  Повторно, среќа во несреќа, тука е што македонското постоење изборило голема придобивка уште во седумдесетите  години на ХХ век со признавањето на нашиот јазик како македонски во ООН (нормално македонски произлегува од Македонија – јазик на народ/луѓе од таа земја), па Грција сега привремено вешто само моментално го „прифаќа“ ова, но засега суптилно, а потоа во иднина, било која тамошна власт отворено ќе го подрива, нема да го признава, ќе го омаловажува и заобиколува да го признае и препознае како македонски со изговори за „словенски“ и целиот широк спектар на „скопски“, „северњачки“, „фиромски“, „цигано-скопски“, „бугаро-албански“ во зависнот кој дел од грчкото општествено милје (левица-десница) се обраќа на нашиот јазик и народ и длабоко сум уверен дека така ќе биде од грчка страна по секоја основа на нашиот македонски идентитет: националност, јазик, култура, економија и трговија, спорт итн. Тие не се обврзани со договорот, ниту пак самите се волни и нема да не почитуваат онакви какви што сме, да ни биде јасно. Максимално ќе ги искористат придобивките од договорот, и ќе ги избегнуваат обврските (ако ги има) како што и постојано го правеле тоа до сега (сетете се на Привремената спогодба) и не треба да бегаме од таа реалност
  • Грција добива повластена положба да го уредува внатрешниот поредок и живот во Македонија. Во самиот договор во онаа одредба, покрај сите установи кои се основани, се поддржуваат и финансираат од државата на кои им се забранува да бидат „македонски“ се упатуваат на овој член и приватните ентитети: компании, фирми, здруженија во чии имиња стои Македонија/Македонско/а/и да го следат овој член, па и тие да ги променат своите имиња во своето работење внатре во земјата и странство
    *** ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА како здружение на млади луѓе кои се неизмерни вљубеници во Македонија,  односно во сѐ она по што е единствена Македонија, а со главна и единствена цел за сѐопшт придонес кон добробитот на  Македонија, регистрирано во ЦР во 2010, не само што нема да го почитува овој член (и самиот договор) туку напротив ќе дејствува и ќе ги засилува сите свои активности на промоција, поддршка на употребата на името МАКЕДОНИЈА во Македонија и светот, како име на нашата земја, во сите домени и сите активности било да се спортско-рекреативни, културни, научно-истражувачки, добротворни, општествено-корисни со цел негово опстојување на ова поднебје меѓу луѓето за негова трајна заштита, негување и опстанок како име на нашето постоење како засебна заедница на луѓе и негов опстанок засекогаш и да поволните услови кога Македонија и меѓународно (повторно) ќе се етаблира како држава, народ и нација со своето вистинско и единствено име – Македонија во светот и меѓународниот поредок. (но за ова поопширно понатаму во друга прилика)
  • На светот и целата светска јавност, во секој домен: политика, економија, наука, култура, уметност, спорт, забава, не му преостанува ништо друго освен да ја прифати „волјата“ односно официјалното именување на нашата држава, кое ќе биде преточено во уставот со претстојните уставни измени што ќе следат, па откако секаде („севкупно“) ќе бидеме, за жал, „северна“ Македонија, сите светски (не)владини организации, медиуми, универзитети ќе не прифаќаат и препознаваат како „од Северна Македонија“ и секако по „природниот“ тек на нештата сите поединци, граѓани – политичари, студенти, туристи, спортисти, научници, уметници од тука ќе бидат препознавани како „северно-македонски“ (неформално) или „од Северна Македонија“ (дословно формално и во некој случај македонски со „слеш“ од Северна Македонија). Грција со своето право внатрешно да надгледува и делува да сопира ако не е според нејзиниот интерес, има и добива пресудна улога и влијание како ние ќе се претставуваме и ќе не препознава светот.

Осврнувајќи се на овие аргументи по двете претпоставки за влијанието, уште еднаш можеме да заклучиме дека договорот е нерамномерен (асиметричен) и тоа со поголема штета и неповолност за Македонија.

Лукративните аргументи за придобивките од членството во ЕУ и НАТО, кое е условено со промената на името не ги опфаќаме затоа што е речено дека нивните вредности и стандарди кои се гарант за сеопшт развој, развиток и благосостојба се спроведливи и можни и без да се промени името на Македонија, можноста за економски врски, односи и размена со целиот свет од кои зависи економскиот раст и благосостојба на граѓаните постојат и сега кога официјално се викаме Република Македонија и ќе постојат и да не се смени името, што значи некој може да заработи, заштеди, да купи куќа, возило, имот, оди на одмор и без да се промени името. На крајот, искрено посакуваме секој поединец во Македонија да биде неизмерно богат по својата желба и мерка, а да бидеме иронично несериозни кон главните „заговорници за промена на името“ кои како главниот аргумент ги имаат „парите и зголеменото ниво на нивниот обем“ со „повеќето пари“ откако ќе го сменат името, нека почастат што пие и јаде цела кафана, нека ги донираат, нека се однесуваат со нив како луцидните богаташи или било што ќе им е по мерак (мене лично Марио Шаревски -Македонец од Македонија, нема потреба ништо да ме честат со „придобивките“ стекнати заради промената на името :) )

Да повториме, Македонија како земја, држава, народ со свој јазик, култура, припадност постои како засебен идентитет заснован и најтесно поврзан со името Македонија од кое произлегува придавката за припадност и препознатливост – македонски со која се означуваат јазикот, припадноста и се што произлегува од оваа земја и заедница. Со договорот од Преспа ова се изменува, и тоа на долг рок и на наша штета по овој однос (секако поволност ќе е влезот во ЕУ и НАТО, каде никаде како формално пропишано правило не постои ваков услов, е придобивка, но се коси со нивните и светски зацртани, призанати и усвоени вредности и принципи).

ИСТОРИСКО „НЕ“ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, КЛУЧ ЗА МАКЕДОНСКОТО ОПСТОЈУВАЊЕ ВО ИДНИНА И СИЛНА ПОРАКА ДО СВЕТСКАТА СЛОБОДОЉУБИВА И ПРАВДОЉУБИВА СОВЕСТ

Како последен и најважен чинител врз кој ќе има влијание сето ова збиднување и кој ќе живее со сите последници се секако граѓаните како поединци и заедница, човечки единки, но во најсуштинска смисла македонскиот народ. Македонски народ (не некаквите „грчки Македонци“) како јадро на државната творба која на овој географски простор и единствена во целиот свет, природно и праведно го носи името Македонија – без тоа да е на штета на некој друг. Грција и секако Бугарија, Србија, Албанија, САД, Русија, нема ниту да пропадне ниту да трпи некаква штета ако нашата земја како Република Македонија постои во меѓународниот поредок  и како таква се зачлени во ОН, ЕУ, НАТО, ЦЕФТА, СТО итн. Напротив, секојдневно се покажува дека Македонија и македонските граѓани се одговорна единка во светскиот поредок кој придонесува во глобалната безбедност (војниците на  АРМ во мирновните мисии во светот, рамо до рамо со НАТО), економија, наука, култура, туризам (самиот грчки премиер Алексис Ципрас неодамна во европскиот парламент призна за големите придобивки за грчката економија од македонските туристи кои со биометриски пасоши на кои пишува Република Македонија и како такви минуваат и низ уредите на грчките гранични контроли иако печатите ги ставаат на некакви си „понижувачки листови“).

Но, да не бидеме изненадени што светската наука при услови на успешен референдум ќе го проучува единствениот пример за новата фаза во градењето и развитокот на нашата нација (nation building)  преку влијанието на овој (штетен) договор. Па иако, самите власти се веќе најавија дека ова е незадолжителен консултативен референдум, што ќе рече имаат право да постапат и спротивно на резултатот (а ја знаеме нивната решеност за промена на името со веќе потпишаниот договор од Преспа), тие сосема исправно и праведно наметнуваат народот и граѓаните да го кажат своето мислење по ова прашање. Мора да одекне народниот глас, секако тие сметаат за поткрепа на својата одлука, политичките партии си сметаат по своја мерка (власт, опозиција), а секој свесен припадник на македонскиот народ со своето постапување треба да го каже своето мислење, по своето постоење и опстојување под (и од) ова име, и тоа да биде запишано во правните и законски норми, историски и научни читанки. Таа волја да стане стварност, која и да не е испочитувана во дадениот миг од властите, ќе биде јасно истакната и ќе опстои сосема оправдано и легитимно да биде спроведена во првата можна прилика во иднината.

Секако тука, како и погоре, се мисли на опстојување на името Македонија за нашата држава и сите нејзини составни делови – во прв ред луѓето – народот. Затоа едно големо историско НЕ за овој договор, ќе значи опстанок на името Македонија, опстанок во волјата, желбата и најбитно свеста на сите оние кои го носат и се идентификуваат поврзани со него. Токму луѓето односно граѓанското општество, кое е највисоко ценета евроатлантска вредност, се тие кои дури и со овој договор, имаат барем малку простор да го употребуваат, негуваат, одржуваат, слават, поддржуваат барем во приватната сфера. (Затоа погоре беше пишано дека ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА како здружение кое официјално го носи името Македонија нема да се упатува на членот 7 од договорот, туку напротив ќе дејствува за поддршка, опстанок и негување на името Македонија). Едно големо запишано НЕ, кое и не испочитувано во правниот поредок, не може да им го одземе на луѓето во граѓанското општество да го користат меѓу себе, во секојдневниот живот, во секакви манифестации – спортски, културни, економски, како што впрочем и опстојувало името Македонија и пред конечното национално афирмирање на нашата држава и народ како субјект по Втората светска војна. Отоманската Империја забранила употреба на името Македонија за трите вилаети на македонското географски подрачје, но не ја искоренила употребата на името Македонија од македонските ослободителни, револуционерни, научно-книжевни, просветителски процеси и дејанија и тоа природно во поволниот миг, по втората светска војна дојде и се етаблира како име на ослободената новосоздадена држава од народот на нејзиното тло – Македонија од Македонците. Иако историјата се повторува, иднината дава бесконечно можности, па позитивните искуства од минатото не носат во корисни потези, името Македонија ќе го одржуваме, негуваме и поддржуваме се до оној миг кога ќе дојде (повторно) можноста и правно-законски и суштински секаде да биде наше официјално, вистинско име, препознатливост и идентитет.

Меѓутоа, за политиката и политичките игри, се поврзуваат епитети за нечесност бидејќи се пазар на кој е дозволена и суптилната измама, разноразни пресметки само да се дојде до целта која ќе ги оправда средствата. Во тие услови, колку властата и опозицијата како политички чинители – субјекти да се завиени во најнебесната демократска обвивка, имаат свои полуги и начини да издејствуваат посакуван исход. Имајќи го предвид сложеното устројство на македонското општество (и гласачко тело) по етнички, верски, социјални, културни линии, тешко е да се каже во оваа ситуација што ќе биде „успех“ од аспект на ЗА и ПРОТИВ во овој референдум. Успешноста на ЗА е правно засенета од излезноста (цензусот), додека успешноста на ПРОТИВ во прв ред е поделена помеѓу можностите „глас против“ и „бојкот“.  Јас лично како поединец, не би знаел да предложам најцелисходен начин за да се претстави и превагне праведната волја против овој договор. Тоа го знаат политичките мајстори, кои не довдуваат до оваа состојба на недоумие, почнувајќи од самиот „спор за името“ и неговата разврска, па се до оваа референдумска лакрдија. Затоа, како поединец и ќе постапам, бидејќи ќе го одживеам и тој судбоносен ден и тоа тука во Македонија, на нејзините прекрасни природни убавини.

Голем број ослободителни и револуционерни движења во светот, особено со се поголемиот технолошки и информациски развиток, носеле симпатии и влијаеле на светската свест и совест за правда, човечност, слобода. Да не ги споменуваме примерите на правата на борбата на робовите, работништвото, социјалните револуции, антиколонијалната борба на поробените народи. Сето тоа влијаело на светската свест и совест, а токму Македонија и македонскиот народ, соочени со најбезобѕирно кршење на слободата, правата на раб на поробување на нивната свест и секојдневен живот на туѓа волја (незагрозена од нивното постоење како Македонија и Македонци) преку спротиставување и јасно несогласување имаат можност да ја пратат пораката и да влијаат и придонесат за еден подобар, поправеден и поубав свет!

Марио Шаревски

Геополитиката и „разврската“ на т.н. „спор“ за името на Македонија

ГЕОПОЛИТИЧКАТА ЗАДНИНА НА „РАЗВРСКАТА“  НА т.н. „СПОР“ ЗА ИМЕТО НА МАКЕДОНИЈА

По речиси тридецениско, или поточно 27 годишно, постоење на т.н. „спор“ за името помеѓу Македонија и Грција, оваа 2018 година се чини доаѓа до неговата „разврска“. Зборовите „спор“ и „разврска“ се намерно ставени во наводници, бидејќи во овие околности тие  самите по себе го немаат своето суштинско значење бидејќи, од нашето стојалиште како Македонија и Македонци: 1) не постои спор, бидејќи нашата страна не спори никому ништо, туку напротив другата страна не оспорува и врши напад врз нашето постоење и право на името Македонија и воедно 2) разврската (т.е. решението) кое се нуди во овие околности со склучената спогодба (договор) потпишана од министрите за надворешни работи во селото Нивици крај Малото Преспанско Езеро, е неповолна за нас како Македонија и Македонци токму од поглед на нашето постоење и суштествување како такви, слободни битија со исконска вродена (природна) поврзаност со името Македонија. Во овие мигови, тековни се процесите за озаконување и спроведување на договорот преку ратификации во законодавните домови и претстојниот веќе распишан реферндум во Македонија, околу чија суштина веќе подолго време се води голема општествена дебата за и против, со бројни правни, историски, социолошки, економски разумно и чувствено (рационални и емоционални) засновани аргументи.  Користејќи ги согледувањата на сите околности по ова прашање низ призмата на аналитичката рамка од аспект на научната парадигма на геополитиката и геостратегијата, овој запис ќе се обиде да фрли светлина на ова, важно прашање по нашето македонско постоење, но и сеопштата единина на балканското, европско и светско поднебје.

ГЕОПОЛИТИЧКАТА И ГЕОСТРАТЕГИСКАТА ПОЛОЖБА НА МАКЕДОНИЈА

Македонија зафаќа средишна положба на Балканскиот Полуостров во југоисточниот дел на Европа, регион кој во светски и континентални рамки поради својата географска положба е познат како подрачје склоно кон внатрешни судири, но и средиште на кое одамнина се судираат интересите на големите сили.  Самиот Балкански полуостров од аспект на геополитиката претставува(л) појас на кршливост (“shatter belt” или “crush zone”) и влезна порта (“gateway region”) која  преку која навлегувале и навлегуваат разни цивилизации и империи, од античко време до денес, од древна Персија, Отоманската Империја, крстоносните војни, па се до големите бегалски и мигрантски бранови во денешнината. Ова се должи на фактот што Балканот овозможува копнено и преку морските теснеци во предел на поволни климатски услови врска помеѓу Европа со Блискиот Исток и источното Средоземје (познатата област на т.н. Плодна полумесечина)  со Азија и Африка.

Македонија ја поседува стратешки извонредно значајната Вардарска Долина која со својот композитен релјефен состав на клисури кои наизменично се надополнуваат со котлини и поврзаноста со долините и сливовите на своите притоки кон исток и запад претставува првостепена природна оска на комуникација од север кон југ до Егејското Море и второстепено преставува место каде што се вкрстуваат сообраќајните врски од исток кон запад. Со својата положба Македонија исто така претставува главен транспортен коридор од западна и централна Европа до Егејското Море и Јужна Европа и воедно место каде што се вкрстуваат меѓународните пан-европски коридори 8 и 10.  Од воено-безбедносен аспект територијата на Македонија има предности во поглед на лесна одбрана благодарение нависокиот планински релјеф на границите кои ја заградуваат внатрешноста која пак овозможува лесен пристап односно претставува средиште за евентуален напад кон сите четири правци. Покрај тоа близината и многукраткото растојание до Егејското (80 км) и Јадранското Море (100 км) надополнета на тешко пристапниот планински и ридски релјеф во внатрешноста на грчката и албанската територија и дава висока вредност на македонската територија во однос на лесно одбивање на било каков надоаѓачки напад или амфибиска инвазија на поморско-копнени сили додека истовремено пружа и големи можности за брз и успешен напад и пробив за заземање на контролата на овие крајбрежја.

На 21 март 2016 година во Македонската академија на науките и уметностите, се одржа научна конференција на тема „Геополитичката и геостратегиската положба на Република Македонија во услови на мигрантската и бегалска криза“ од која неодамна од печат излезе и зборник на изнесените трудови, и каде јас покрај како организатор (во тоа време, работник по договор на дело во Центарот за стратегиски стражувања на МАНУ) учествував и со свое излагање меѓу редица истакнати професори, академици, политичари и самиот претседател на Република Македонија, и тоа во првиот дел на конференцијата посветен на Геополитичката и геостратегиската положба на Македонија каде бев и модератор, при што бев сведок и на еден многу интересен интелектуален „судир“ меѓу ученсиците. Имено, „судирот“ настана помеѓу универзитетските професори околу тоа колку Македонија е значајна, важна и битна (од геополитички аспект) за големите сили. Професорот Митко Котовчевски (и проф. Тони Милески по него, двајцата од институтот за Безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет) кој како прв излагач на тема за Геостратегиската положба на Македонија истакнувајќи ги нејзините одлики и карактеристики од особена важност, беше „нападнат“ од професорот и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин како и од професорот и поранешен амбасадор (сега починат) Димитар Мирчев кои исто така излагаа за Геополитичката положба на Македонија од аспект на големите сили, но со јасно потенцирање (дури и со омаловажувачки и дефетистички тон) дека (парафразирам): „Македонија со нејзината геополитичка и геостратегиска положба воопшто не била битна за големите сили, ниту била важна за Наполеон во минатото ниту пак сега за САД, ЕУ и НАТО и Русија“ и дека „ние повеќе си замислуваме и се вообразуваме околу значењето на Македонија во геополитички и геостратешки контекст“ и секако со неизбежното споменување на т.н. „антиквизација“, чие значење е навистина големо во националните општествено-политички односи и процеси на Македонија и Македонците, а во меѓународната политика е навистина само еден празен аргумент (божем) „во прилог“  на позициите на Грција.  Но, дали е тоа, така? Се разбира дека не е и дека ценетите професори се во голема грешка. Изнесените (физичко) географски факти од политички и безбедносен аспект ги оставам и изнесувам неутрално, за секој по свое мислење да ги оцени, а во прилог ќе изнесам историски факти каде се потврдува геополитичката важност на Македонија.

Извонредно големото значење на Вардарската Долина и Македонија воопшто се истакнати повеќе пати низ историјата особено за време на Балканските војни и Првата светска војна, кога е преземено геополитичкото решение за поделбата на Македонија како последен остаток од Отоманската империја. Големото геополитичко и геостратешко значење на Македонија може истотака да се заклучи и од мислата на поранешниот српски премиер (од времето на Првата светска војна) Никола Пашиќ во стилот на Макиндеровите изјави: Историјата покажува дека оној кој ја поседува Македонија бил секогаш прв на Балканот. Ова во потесна смисла се однесува на поседот на Вардарската Долина (која е срцевина и главна артерија во средиштето на Македонија и каде се наоѓаат: важниот воен полигон „Криволак“ и бројни стратешки важни објекти од сообраќајот, економијата, енергетиката како што се: автопатите, железницата,  нафтоводот од Солунското Пристаниште до Рафинеријата „ОКТА“, Аеродромот, ТЕЦ Неготино, далноводниот крстопат Дуброво и др.) и нејзиното поврзување со долината на Морава на север (во Србија), а оттаму со течението на Дунав кој поврзан со Рајна достигнува до Северното Море.  Дополнително, Македонија се наоѓа во центарот на балканскиот геополитички крст. Не случајно и граѓанската војна во Грција од 1946-1949  во која во голем дел на страната на комунистичката ДАГ учествуваа, се бореа и настрадаа Македонците од Егејска Македонија, се смета и како прва „посредничка војна“ (war with proxy) на Студената Војна помеѓу двата геополитички блока.

Разгледувајќи го Балканскиот полуостров низ призма на геополитичките теории и концпети како своевиден микрокосмос и приказ на светската геополитичка карта во мало, и применувајќи ги основните геополитички концепти и теории за Хартленд (стожер или срцевина) и Римленд (обрач) при концептуализацијата на политичката карта на Балканот,  може јасно да се препознаат идентификуваат и определат региони кои се Хартленд и Римленд според своите физички и политичко географски одлики. Со својата централна положба, недостапноста за поморските сили и поволноста за напад и доминација на регионот Македонија и Србија несомнено го сочинуваат балканскиот стожер – Хартленд. Повеќе анализи на балкански и светски стратези, политичари и геополитички автори како и заедничките политички, просторно-географски, инфрструктурни, сообраќајни, воено-безбедносни, историски и културни одлики недвосмислено ја потврдуваат положбата на Македонија и Србија како своевиден Хартленд на Балканот. Во однос на заемно поврзаниот концепт на Римленд, географски погледнато целиот појас на приморски држави кои копнено го опкружуваат балканскиот Хартленд може јасно да биде препознаен како Римленд на Балканот. Во состав на балканскиот Римленд влегуваат Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора и Хрватска. Државите од овој обрач т.е. Римленд на Балканот имат силно влијание и значење за развојот на целиот регион особено од аспект на реалните геополитички дејствија и случувања во периодот по Студената војна односно во Балканските војни и територијалните промени со распадот на СФР Југославија. Анализата на концептите за Хартленд и Римленд покажува дека концептуализацијата на современата политичка карта на Балканот од аспект на западните евроатлантски интеграциски процеси се базира на концептот за Римленд. Ова е особено видливо и се потврдува со минатогодишното пристапување на Црна Гора во НАТО, со што од 2017 година силите на НАТО го контролираат буквално целото крајбрежје на Балканскиот Полуостров, од Црното Море на исток преку териториите и територијалните води и воздушниот простор на земјите-членки Романија и Бугарија, важните морски теснеци Босфор и Дарданели со Мраморното Море од земјата-членка Турција, Егејското Море на југ од Грција, Јонското Море и геостратегиски важниот морски проток Отрантска Врата од земјата-членка Албанија и целиот брег на Јадранското Море на запад од земјите-членки Албанија, Црна Гора, Хрватска и Словенија, при што БиХ (чиј бошњачко-хрватски ентитет е јасно евроатлантски ориентиран) со својот сосема мал излез на море кај Неум без пристаниште не претставува никаква можност за евентуална трговско или воено поморско присуство на друга сила.  Со оглед на актуелниот момент во кој сите држави од балканскиот Римленд се дел од НАТО алијансата додека земјите на балкнскиот Хартленд се надвор од овој сојуз без изгледи за полноправно членство на подолг рок (Србија од 2007 година со одлука на собранието е воено неутрална држава и доследно води таква политика без отворени аспирации за членство во НАТО, додека членството на Македонија зависи само од т.н. „спор“ за името и се чини е на „прагот“ да го промени својот статус ако ја прифати „разврската“ која е актуелна) ваквите состојби отвораат сериозни можности за инклинирање на надворешни фактори кои би пројавиле сериозен интерес за контрола на Балканскиот Хартленд.

Приказ на Хартленд (стожер - срцевина) на Балканот
Приказ на Хартленд (стожер – срцевина) на Балканот
Приказ на Римленд (обрач) на Балканот
Приказ на Римленд (обрач) на Балканот

Повеќе е очигледно дека изминативе години, а особено од 2015 година, геополитичките големи сили (евроатлантски ривали) Русија и Кина отворено економско-финансиски преку енергетиката и инфраструктурата (гасоводот „Јужен (т.н. турски) Поток“, брзата железница од Будимпешта до Егејското Море, кредитирање на изградбата на автопатиштата во Македонија, купување на пристаништата во Грција, интересите за пловниот канал по долините Вардар – Морава итн.)  се присутни на просторот на Балканот со особен продор на Русија и во политичките случувања и внатрешната политика на балканските земји, а пред се на Македонија: првото и официјално соопштение на руската амбасада МНР во однос на прислушкуваните телефонски разговори од 01.02.2015, неколкуте официјални изјави за поддршка на (тогаш) легитимната избрана влада („режимот“) на Никола Груевски за време на протестите наречени Шарената револуција во текот на 2015 и нестабилноста околу промената на власта по изборите во 2016, преименувањето  на партијата Народно Движење за Македонија во Единствена Македонија во јануари 2018 (тоа секако не е и нема никаква врска со ова наше здружение ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА кое постои и делува за Македонија од 2010 г.) по примерот на путиновата Единствена Русија, која отворено се залага за сојуз со Русија и влез во Евроазиската Унија, најновите обвинувања на сегашната влада на Зоран Заев за руско „мешање“ (се уште непотврдено) во немирите на протестите вечерта по потпишувањето на спогодбата од Преспа пред македонското Собрание (каде и јас бев присутен) и официјалните руски соопштенија против пристапувањето на Македонија во НАТО. Секако, кон сето ова треба да се додаде изјавата на Државниот секретар на САД, Џон Кери од крајот на февруари 2015 година, дека Македонија е на „линија на огнот“ на геополитичкиот судир помеѓу Русија и САД.

Додавајќи ги кон геополитичката положба општите збиднувања на светско ниво во меѓународните односи, посебно на Блискиот Исток каде САД и Русија се директно вклучени со свои воени сили, а тука се разврската на војната во Сирија, милитаризирањето на Израел, повторното затегнување на односите со отворени воени закани помеѓу Иран и САД со западните сојузници, тивко тлеечкиот воен конфликт во Украина, мигрантскиот бран во Европа од Африка, Азија и Блискиот Исток преку Балканот и Македонија, и кон сето тоа горе изнесените одлики на геополитичката и геостратегиската положба на Македонија и вклученоста на двете големи сили во и околу Македонија, очигледно е дека Македонија има важна положба за големите сили, и се чини дека оваа „разврска“ во овој момент и овие околности на т.н. „спор“ за името е поттикната, во прилог и интерес пред се на едната од овие две судрени геополитички страни, а имено евроатлантскиот „западен“ блок сочинет од НАТО, ЕУ и САД.

***(ДОПОЛНЕНИЕ: Јасна, отворена и несомнена потврда на оваа погорна претпоставка доаѓа за само 23 дена од објавувањето на овој напис, со изјавата на американскиот помошник  државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел од 22 август 2018 пред Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат: Решението за името дел од геостратегијата на САД против руското влијание )

ПРИДОБИВКИ И АРГУМЕНТИ

Македонија, Македонците и сите нејзини граѓани се поставени пред крстопат и раздобје кои во секој можен поглед ќе го определат нашето опстојување како засебно определени битија по сите општи и идни геополитички текови во светот, кои секако неизбежно не допираат и нас. Факт е дека на Македонија не и потребна никаква промена на името Македонија и сите идентитетски одредници што произлегуваат од него како македонски во однос на припадност, јазик, култура, историја, економија и трговија (производи и брендови), национални установи во политиката, науката, спортот, а кои според словото и духот на спогодбата потпишана во Преспа, ќе треба да се изменат согласно новоприфатеното име. Промената не е потребна бидејќи дури и владините функционери и најгласните заговорници за прифаќање на оваа спогодба и промена на името, во најдлабоката своја свест, се будат, легнуваат и секојдневно мислат и суштествуваат со тоа дека името на нивната земја е Македонија и тие имаат македонска припадност. Но, за она што не убедуваат дека е нужно да ја прифатиме оваа спогодба, со која навистина губиме веќе стекнати многу придобивки како Македонија, се користат многу аргументи кои токму од гореспомената анализа на геополитичката положба и околности на Македонија не се издржани.

Придобивката од придружување кон најразвиениот и веројатно најсилниот и најмоќен воен сојуз кој е сочинет од држави кои се најголемите економски, воени и технолошки сили е несомнено голема, огромна. Сите аргументи на Грција во СБ на ООН за Македонија како безбедносна закана се далеку од разумни и ништовни, потврдени и со мислењето на Бадентеровата комисија од 1992 и со реалните воени, човечки, политички и економски можности и капацитети на Македонија. Но да се осврнеме на најскорешните аргументи, на пример на аргументот даден од Постојаниот претставник на САД во НАТО, амбасадорката Кеј Бејли Хачинсон дека Алијансата ќе направи се што е можно за да ја заштити Македонија од агресија од страна на Русија. Во дадените околности на актуеланта геополитичка положба на Македонија, опкружена со членки на НАТО, a самата се уште формално партнер но не и полноправна членка, се уште со уставно име Република Македонија внатрешно и во најголем дел надворешно – пасоши и лични документи, одредени меѓународни организации и секојденвен живот, е веќе сосема заштитена од (воена) агресија од Русија или било која друга (подалечна) воена сила која не е дел од НАТО. Земјите членки на НАТО, кои просторно се наоѓаат помеѓу Македонија и Русија, како што се Бугарија и Романија, а секако и со Русија завојуваната Украина се огромно пространство во вид на тампон зона која би требало да ја поминат руските војски. Случаите за забрана за прелети преку воздушниот простор на Романија и Бугарија на руското воено воздухопловство во време на Косовската Криза во 1999, потврдено и со случаите со транспортот на украинските воени авиони „Сухои“ во 2001, укажува дека  невозможно е воздушно и копнено, а ниту пак поморски од било која точка на балканското крајбрежје (погоре објаснето во делот за Римленд на Балканот) Русија да изврши воена агресија врз Македонија. Единствено доколку по некоја (милениумски) неверојатна околност Македонија (?!) би ѝ објавила и прогласила војна на Русија, па таа со ракети лансирани од полуостровот Крим, Црното Море или Каспиското Езеро (како што е случај со бомбардирање на цели во Сирија) да ја нападне македонската територија. Сето ова се претпоставки, како што може да претпоставиме дека при евентуално полноправно членство на Македонија во НАТО, Вардарската долина и македонскиот воен полигон Криволак поради поволната копнена поставеност и недостапност за брзо заземање од спротиставени сили преку истоварување од море, може да бидат поволна локација за поставување на антиракетен штит (долги години пропратен со низа неуспешни обиди, планиран за изградба во Чешка и Полска) или ракетни уреди,  особено ако се има предвид поповолната и поблиската положба и поставеност на Македонија на Балканот кон Блискиот Исток, Русија, Средоземјето. Но сето тоа се само претпоставки.

Во однос на внатрешната безбедност, јавен ред и мир, повеќе пати е јасно повторувано дека НАТО (членот 5 од повелбата) не ја гарантира ниту се замешува кај своите земји членки по тој однос, но често пати дневнополитичките дебати го користат аргументот на (внатрешниот) „албанскиот фактор“ негова вооружена „радикализација“ при застој на евроатлантските интеграции кои во таквиот контекст подразбира нивна („злоупотреба“) геополитичка и големонационалитичка заснованост која секако не влијае за мир и благосостојба, туку превласт и надвладување на таа национална идеа претпоставено најтесно поврзана во своето остварување со нив со што доведува до противречна (контрадикторна) ситуација на целиот контекст и смисла на приклучувањето на Република Македонија кон НАТО (и ЕУ) по однос на личниот и националниот интегритет на сите нејзини граѓани кои не се од албанска припадност. Секако тоа се небулозни и безсодржински аргументи, бидејќи во постојната состојба во Република Македонија во ниту еден поглед не е загрозено постоењето на албанскиот ентитет ниту на ниво на поединци ниту на заедница, напротив тој е постојани и прогресивно зголемувајќи се институционално поддржуван во својот развој, а безбедносно граѓаните од албанско потекло ниту институционално ниту пак од одредена друга вониституционална група се таргетирани и доведувани во подредена и загрозена положба, дополнително како граѓани на Република Македонија (со тоа име) ги уживаат сите права и поволности внатре и во тековните партнерски програми и односи со евроатлантските организации. Случаите за нарушување на безбедноста со вооружени судири и терористички напади како во кумановско „Диво Насеље“ во 2015,  зависат од политичка мотивираност и не се исклучиви и во иднина било која политички и криминално заснована и мотивирана група може да ја нарушува внатрешната безбедност. Нема потреба да се наведуваат судирите во Северна Ирска или бројните скорешни терористички напади во земјите-членки на НАТО, бидејќи овде целта не е да се аргументира против разумното придружување на Македонија во НАТО, под нејзиното име.

Разбирливо е дека било кој воен сојуз, оттаму и НАТО (и некогашниот Варшавски пакт) ќе ги собира и сочинува членки стандардизирани и воедначени според воено-безбедносната, законодавно-правната, политичката, економската и идеолошката устроеност и поставеност, па оттаму е сосема нормално дека придружувањето значи и усвојување и спроведување на овие стандарди, што е од огромна корист и полза за Македонија и македонските граѓани, особено што, како што е веќе споменато, НАТО е сојуз на економски, воено, технолошки, политичко-демократски најразвиените (најсупериорни) држави. Секако промената на името на една држава не е пропишан и истакнат услов за придружување во ниту една меѓународна организација (ОН, НАТО, ЕУ), туку тоа е резултат на внатрешните лобирања (на Грција) мотивирани од национални и геополитички интереси и кон тоа треба да се делува со соодветна мера (но за тоа подолу).  Но, аргументот дека економски ќе се напредува со самиот влез во НАТО, не е најиздржан од причина што НАТО не е средиште каде може да се договараат, преговараат и нагодуваат договори за слободна трговија, царински тарифи, социјални програми и трансфери, фискална и монетарна политика, меѓународни финансии итн. За тоа повеќе место е ЕУ, каде исто така се стремиме и каде прифаќањето на оваа повелба од Преспа, која во најдлабоката своја суштина значи промена на името на Македонија (и укинување на нашата слобода и подвргнување под туѓа неразумна волја), е услов за придужување. Но, и за таму и сега со име Република Македонија и сите природно стекнати придобивки од него, веќе имаме начин на делување и живеење (modus vivendi), па впрочем и нашето здружение Единствена Македонија, спроведе проект финансиран од ЕУ од средствата на Erasmus + програмата на Европската Комисија. Ако аргументот е „повеќе пари“, да пресметаме дали слободата (името Македонија) вреди да се продаде за „повеќе пари“ од место каде што не доаѓаат пари, туку се вложуваат пари за да се биде безбеден и обезбеден. Да се разбереме, ова не е иронија, јас сум за безбедна и просперитетна држава во која живеам, се интересирав (во 2014), а и (потоа задоцнето во 2018) се пријавив и доброволно да служам воен рок во АРМ, но економските аргументи при дневнополитичките  дебати по ова прашање се крајно неиздржани.

Стекната придобивка во постојните услови со пасош со име Република Македонија - Виза за Велика Британија наведува MACEDONIA
Стекната придобивка во постојните услови со пасош со име Република Македонија – Виза за Велика Британија наведува MACEDONIA

Геоекономијата како најнова аналитичка гранка во геополитичките анализи, во денешните услови, токму за Македонија, како и во поглед на безбедносната политика (претставена преку погорниот пример за претпоставената воена агресија) дава основа Македонија и во сегашните услови на својата геополитичка положба и околности да развива независна економска политика во однос на својот развој и благосостојба. Имајќи сопствена земја (територија) и суровини (ресурси) Македонија може преку разни реформски процеси да ја развива економијата, по мое мислење со поставување на земјоделството како главна основа и во поглед на индустриското производство и оттаму и сите производи како сурови така и индустриски преработени да се пласираат на глобалните пазари во трговски договори со било која држава во светот, во услови кога Македонија не се соочува со (отворени) економски сакнции, трговски ембарга и не е втурната во воени дејствија. Во најтесна согласност со заедничката економска, безбедносна и надворешна политика на ЕУ и усвоени нејзини стандарди, Македонија може да ја развива својата економија и за тоа не е пречка името на Македонија, единствена разлика би била обемот на економските перформанси и раст во услови на полноправно членство. Економијата и во овие услови и досега стекната положба и придобивки како Македонија може слободно да тече и да се развива и токму таа е показател дека ништо не ја сопира и во најтешки услови (кои веќе сме ги преживеале пред околу дваесетина години, а бројни примери и сега во светот укажуваат на  тоа), а сегашните (гео)политички и безбедносни околности и положба на Македонија ни малку не се претерано лоши.

Ваквите услови и околности кои во моментот, преку геополитичката анализа непосредниот миг („моментум“) во однос на „разврската“ за т.н. „спор“ за името на Македонија, споредени со условите од почетокот на „овој“ спор пред 27 години, во секој поглед го побиваат секој можен аргумент кој би се дал за прифаќање на оваа „разврска“ за промена на името. Дополнително, долеваат охрабрување дека досега стекнатите придобивки како Македонија, кои се засноваат на слободното човеково право на слободно постоење и исконски се поврзуваат со „вродената/природна“ поврзаност на сите нас со името Македонија и век и половина долгиот процес на национална афирмација, еманципација и консититуирање под името Македонија (преку процесот, идеата, движењето, идеологијата, доктрината Македонство или Македонизам) имаат можност и шанса, но и обврска да опстојат во современиот свет, не само за нашата добробит и постоење туку и за совеста на општочовечко светско ниво.

Англиското јазично издание на слободната интернет енциклопедија Википедија статијата за нашата држава ја именува како Republic of Macedoniа и ја започнува со прв збор Macedonia (Се додека официјално според нашиот устав и официјални документи ние самите се нарекуваме Македонија - Република Македонија)
Англиското јазично издание на слободната интернет енциклопедија Википедија статијата за нашата држава ја именува како Republic of Macedoniа и ја започнува со прв збор Macedonia (Се додека официјално според нашиот устав и официјални документи ние самите се нарекуваме Македонија – Република Македонија)

МОЖНОСТИ КАКО ДА СЕ ПОСТАПУВА

Во секоја состојба мора да има различни можности да се дејствува и постапува т.е. алтернативи. Навидум безизлезните и непремостливи препреки секогаш имаат начин за соочување и надминување, вообичаено се избира помалото зло, но погоре рековме и анализиравме дека геополитичката положба и околностите во дадениот актуелен миг не се лоши за да се оценат како безизлезни, ако размислуваме од свест и стојалиште дека сме Македонија и Македонци и тоа е појдовна основа за секое дејствие (интеракција) со било кого, каде „мисирковски“ секогаш на прво место ги ставаме и гледаме низ призма на македонските интереси.  Нашиот (национален) интерес е онакви какви што сме и постоиме (Македонија и Македонци) да опстојуваме и да се развиваме во позитивна насока кон благосостојба и добробит, кои во современиот свет се сосредоточени, претставени, негувани и чувани од евроатлантските организации (НАТО, ЕУ), па оттаму стратешки е да сме нивен дел полноправно или во најтесно сојузништво и соработка. Но увидовме дека во овој момент, при  нивната внатрешна разнообразна составеност (и тамошните интереси  и лобирања) соочени со судир со останатите растечки големи сили насочени кон светска превласт, нивен интерес е да се дојде до „разврска“ на т.н. „спор“ за името на Македонија, кој во понудената спогодба го подрива нашето постоење и опстојување во овој лик, а пред се ја укинува и нашата слобода да постоиме како такви без никому да наштетуваме и да го загрозуваме.

Од моето краткотрајно и скромно, волонтирање во Институтот за геостратешки истражувања при македонското министерство за надворешни работи, летото 2013 година, не можев многу практично да научам за дипломатијата на нашата земја. Но, знаејќи дека во меѓународните односи и преговори владее т.н. анархија и секако реализмот,  на основа на стварноста и обврските кои произлегуваат од потпишаните договори и документи Македонија и во овие услови може да продолжи да опстојува со своето име и простум, без трошење на претерани ресурси (очигледно докажано од досегашните придобивки, но и во иднина со мотивираност и правилни политики во сите домени), да ја води „битката“ за свој слободен и праведен опстанок и напредок под името Македонија. Македонија во сегашните услови со име Македонија за внатрешна, лична и во голем обем билатерална и мултилатерална употреба, веќе е сојузник (партнер) и институционално дел од евроатлантските структури – НАТО и ЕУ, има начин на делување (modus operandi/vivendi) за искористување на правата и обврските (и секако, фондовите) разбирливо по понеповолни услови и положба од полноправните членки, но не е на работ на пропаста, која е всушност само, за жал, широко распространета претстава која се наметнува во општеството од неспособните политички водства, па дури и се користи како аргумент за прифаќање на промена на името, иако рековме ниту еден услов не укажува дека немаме излезни можности на развој, ниту сме под отворена воена закана. Од речиси 140 земји кои (билатерално) не признааваат како Македонија, од 5 ноември 2004 не признаваат и САД со кои од 7 мај 2008 имаме и потпишано декларација за стратешко партнерство и соработка, а  овие документи и факти не се само формална туку и суштинска основа за нашето сојузништво и дејстување рамо до рамо со западните евроатлантски структури со кои и онака во најголем дел, речиси во целост е насочена и нашата економска соработка, односи и трговска размена, но и образовна, културна размена и односни на ниво на поединци и групи (фамозниот аргумент на тоа што сите бараат работа и живот на Запад во САД и земјите од ЕУ) и секако во политичката сфера на домашно и меѓународно ниво сме исклучиво ориентирани кон таа орбита.  Простор за делување и постапување на основа на овие факти со определба за опстојување и развој како Македонија во сферата на демократски, економски и културно либералната и напредна заедница на светот ИМА.

Најавата за промена на начинот на носење на одлуки во меѓудржавните тела и организации, новите замисли за иднината на овие организации од нивните најетаблирани членови, оставаат простор дека своевидниот „специјален“ статус нуди можности. Неврзаноста во меѓународните односи и дипломатијата, од која Македонија беше дел како членка на СФР Југославија преку чие дипломатско делување ги претставуваше и своите македонски национални интереси, донесе многу придобивки во тогашниот блоковски поредок на светот, меѓу другото и признавањето на македонскиот јазик во ОН на конференција (токму) во Атина во 1977, но неврзаноста (можеби) донесе и страотни внатрешни војни на овие простори, но највеќе по вина на внатрешните чинители (фактори). Ова не е отворен повик за воена неутралност, за која засега во нашето општество и политичко милје единствено повикува Страшо Ангеловски од партијата МААК.  Ова е повик за трезвено делување по расположливите средства и фактичка состојба, но од аспект и стојалиште на зачувување на нашето слободно постоење преточено во именувањето Република Македонија.

Со внатрешно и надворешно целисходно дејствување на сите домени на нашето живеење е возможен опстанок и напредок, затоа што историјата, наша и светска, не научила дека истрајната посветеност кон она верување и суштина на која припаѓаме, ќе ни донесе шанса и отвори можност да се исполни нашиот стремеж. Доказ е постоењето на Република Македонија и покрај сите премрежја и збиднувања од минатото. Како што вели грчкиот новинар Августин Зенакос, пишувајќи дека единствените Македонци на кои не им треба сложено име се оние од Република Македонија: „геополитичката целесообразност ги принуди овие луѓе да тргуваат со единственото име кое историјата им го оставила“, но и геополитичката целисходност ни го отвора и патот да опстоиме и нормално и убаво да живееме со нашето име – МАКЕДОНИЈА.

Марио Шаревски

МАКЕДОНИЈА! Што е МАКЕДОНИЈА?

Македонија! Што е Македонија, што значи тој след на буквите М А К Е Д О Н И Ј А, заради кој/кои се создаваат вакви состојби и збиднувања кои допираат и имаат значење за милиони луѓе. Толкувањата може да бидат и се различни, некои се сувопарни и може да толкуваат од научен аспект на јазичните науки лингвистика, филологија какво е значењето на зборот Македонија, од научен аспект историчарите може да  толкуваат исто така какво е значењето на зборот Македонија кој и за кој во минатото се случувале и се случуваат низа настани и збиднувања, географите научно може да толкуваат што се содржи просторот кој се именува со зборот Македонија, уметниците може да објаснат и да кажат за творештвото поттикнато и посветено на Македонија, политичарите и секако злонамерните дневнополитички калкуланти и пропагандисти може со омаловажувања да дадат толкување за зборот Македонија и правото на негово користење и соодветно на тоа некакво решение за … Решение за што? За да сфатиме ќе кажам што е Македонија, за мене лично, а сето тоа поткрепено и со научни аргументи и факти од сите области изнесени погоре. Тоа сум го направил во повеќе написи во јавни гласила и весници, јавни настапи, објавени научни трудови кои се достапни и може да се прочитаат.

Што е МАКЕДОНИЈА?

Македонија е постоење! Постои држава со слободни луѓе кои со слободна свест и без никому да наштетуваат бивајќи и постоејќи како личност (идентитет) под името МАКЕДОНИЈА суштествуваат: живеат, работат (кој повеќе кој помалку успешно), љубат, се караат, се радуваат, се раѓаат, умираат, боледуваат, се веселат, некогаш грешат, некогаш исправно постапуваат. Но постојат како единки како луѓе секој со свое име и презиме и личен идентитет и интегритет на простор (земја) Македонија на кој поради долгоисториско именување со името Македонија се основала државна творба со име Република Македонија, каква што впрочем нема друга државна творба во светот со такво име. Значи за постоењето на држава со име Република Македонија нема, не може и не треба да има забуна ниту тоа да е основа за присилување за промена на името и насилно ништење на слободата и постоењето. Една од причините наведувана е „забуната“ – а забуна нема државно-правно само на еден пасош, лична карта и документ во светот пишува Република Македонија. Админситративно-правни територијални творби во чие име се содржи зборот Македонија (вклучително трите префектури во соседна Грција) во правниот сообраќај не може ниту да се споредат на рамништето ниту да се едначат па да предизвикаат забуна поради тоа што нашата држава се нарекува Република Македонија.  Но не само овој впрочем и сите наведени аргументи во овој „спор“ се неразумни и ништовни, ниту пак даваат здраворазумна основа да се размислува за некаква промена (решение?!), бидејќи и во стварноста не постојат никакви проблеми со нашето постоење како Македонија. Нашето постоење како Македонија го прифаќа целиот свет со сите пропратни нешта што произлегуваат од него, тука би вброил македонски јазик, припадност, производи, препознатливост итн.

Дека името Македонија значи постоење, сведочи еден след на настани, дејствувања и пишани дела од Македонци и странци уште од втората половина на XIX кои на различен начин, но поведени од свеста за засебно постоење поврзано токму со Македонија, се ист оној тек кој довел до тоа во 1944 да се создаде државна творба со име Македонија (која била Демократска, Федеративна, Народна, Социјалистичка, но секогаш само Македонија) која пак во 1991 година ја стекнала својата независност како Република Македонија, а патем низ годините се кодифицирал и македонскиот јазик кој како таков е признаен и во документи на ООН (дури во 70-тите и на кофреренции во Атина!), се изучува на катедри во светот. Значи македонското постоење и суштествување е исконско, основно човеково право на слобода, тоа е секојдневие  за секој кој патува, живее, работи со македонски пасош, државјанство или едноставно свест.

Аргументите во овој спор се бројни и разнообразни, бидејќи моето постоење е најтесно поврзано со Македонија, не можам да бидам објективен и нем „научен“ и „неутрален“ набљудувач од страна.

Што е МАКЕДОНИЈА?

Македонија е слобода! Во дадените околности наметнувањето решение со промена на името и погазување на достоинственото слободно постоење на луѓе (МАКЕДОНИЈА) кој со тоа само по себе не прават злосторство, злодело и штета некому, е најбезобѕирното и безимилосно злосторство кое се спроведува. Правото на живот и слобода, или правото на постоење и слобода, поединечно и во заедница се највисоко уважувани, почитувани, заштитувани, призанени и гарантирани.

Не  сакам да звучам како политичар, бидејќи не сум тоа, но се согласувам дека соработката и соединувачките („интегративните“) процеси се единствениот исправен правец за благосостојба и подобро утре. Обврските се исполнуваат, вредностите  се почитуваат, она што треба да се измени приспособи (за ОН, ЕУ, НАТО членство или придружување било каде) треба  и всушност се највисоко ниво на агенда за спроведување, но на чесна основа! Не на основа на уцена! Пред уцената и насилството мора да се застане и да се искаже несогласувањето! Несогласување со насилното поништување на нашето постоење и слобода како МАКЕДОНИЈА, во услови кога со тоа не наштетуваме, а истовремено со години и сега и во иднина покажуваме и постоиме како пријатели, соработници, добронамерници.

Што е МАКЕДОНИЈА?

Македонија сме ние! Сите ние секој од нас е Македонија (и Македонија е во секого од нас). Успесите, благосостојбата, убавите и радосни мигови на Македонија се и на сите нас и обратно, но и непризнавањето, негирањето, навредувањето, насилството, ништењето на Македонија е и на секого од нас.

Ние сме луѓе, секој од различен ков, но од под ист кров – Македонија! Сме и можеме да бидеме пријатели, соработници, другари почитувани онакви какви што сме – МАКЕДОНИЈА!

МАКЕДОНИЈА!

Марио Шаревски

МАКЕДОНИЈА

Уживај во МАКЕДОНИЈА – По трагите на византиските императори во Тауресиум и Бадеријана

Тлото на Македонија крие многу занимливи нешта, остатоци од древни времиња, а на него се раѓале и значајни личности, меѓу кои и 2 византиски цареви – импреатори, вујко и внук, на чии родни места и денес постојат и живуркаат населби. Погодувате? Јустин и Јустинијан, вујко и внук од Тауресиум и Бадеријана, соседени древни градови денес блиски и соседни села Таор и Бадар.

Но тука нема да стане збор за нивната големина и достигнувања, туку за тоа како може да направите една убава прошетка со велосипед во должина од нешто повеќе од 50 километри, минувајќи низ занимливи предели на источниот крај на Скопската Котлина. Кругот можете да го започнете или преку правецот Маџари-Трубарево или Аеродром-Горно и Долно Лисиче до  Петровец – ‘Ржаничино и тука да се одлучите дали ќе скршнете десно по новиот афалтиран пат до Таор или ќе продолжите преку Катланово до Бадар од каде потоа следи најзанимливиот дел по земјен (off road) пат по кој чекореле и јавале овие византиски цареви со нивните војници, но и роднини – чичковци, стрини, вујни, а кој токму на половина пат меѓу наоѓалиштата на Бадеријана кај Бадар и Тауресиум кај Таор минува покрај познатото Катлановско Блато чие што користењето уште од XI век било регулирано со претходно добиено одобрение од црковните власти бидејќи било подарено на манастирот Св. Ѓорѓи Горг во Скопје. За Катлановското Блато односно езеро Ѓорче Петров во своите Материјали по изучувањето на Македонија запишал дека со шамакот, Блатото има доста големо значење за жителите на околните села, коишто од него прават рогозини за цело Скопско, но главното негово значење се состои во рибите со кои ја храни целата област, каде што ретко се носат риби од Дојранското Езеро, а никако не доаѓаат од Охридското. Најпозната риба е крапот (шаранот), но се среќаваат и јагули, сомови (дојдени од Вардар) и некои други видови риби. Правото за ловење риба, како и за правење рогозини е монопол на власта и се продава од Скопското беледие (Градски совет) на приватни лица. Денес, по неговото пресушување, со вашите велосипеди по земјениот пат ќе поминете покрај фазанеријата и крај еден мал заштитен дел кој денес е заштитено подрачје и собирна станица на птиците-преселници наесен од Северна Европа.

Веднаш над самото село Таор спроти црквата Св. Илија меѓу лозјата се наоѓаат ископините на древен град меѓу кои може да се најдат и доста исклесани плочи и мермерни столбови. Во историската хронологија овој локалитет се поврзува со големиот император Јустинијан Први, најмногу според податоците изнесени од неговиот биограф Прокопиј. Според историографот Прокопиј тој се родил во местото наречено Taurisium, во близина на кастелот (тврдина) наречен Бадеријана. Населбата била разрушена во големиот земјотрес од 518 година, чиј епицентар бил на местото од денешно Скопје, во кој меѓу другите настрадало и античкото Скупи. Јустинијан Први за да му се оддолжи на своето родно место, го обновува и доградува. Од ова место се пружа прекрасна глетка кон целата рамнина на Скопското Поле што ја потврдува стратешката важност и значење на местотоположбата на еден ваков утврден град.

Ископините кои се наоѓаат во подножјето на ридот крај земјениот пат на само 1,5 км северно од Бадар, а кои ова лето повторно беа истражувани, покрај местоположбата заедно со некои пронајдоци даваат основа за претпоставка дека тоа е Бадеријана. Во пишаните историски документи тврдината Бадеријана се среќава во раниот среден век во византиско време. Како утврден град под името Бадеријана постоел уште во раниот среден век во римско и византиско време, за што како потврда постојат два записи. Утврдената населба Бедеријана се споменува како родно место на византискиот цар Јустин I кој бил роднина – вујко на познатиот император Јустинијан I и владеел непосредно пред него од 518 до 527 година. Следното споменување од тоа време е од записот на познатиот византиски историчар Прокопиј Кесариски од VI век кој во својот ракопис за биографијата на Јустинијан I запишал дека тој се родил во местото Тауресиум во близина на кастелот наречен Бадеријана (Βεδεριανα).  Просторната близина на Таурсесиум и Бадеријана спомената во овој пишан историски документ се надополнува и поткрепува со историскиот факт дека таа е родно место на императорот Јустин I кој е во директна роднинска врска (вујко) со Јустинијан I, чии што периоди на владеење се последователни еден по друг од 518 преку 527 па сè до 565 година. Ваквите историски факти и поврзаност даваат појдовна основа за претпоставките за лоцирање на местоположбата на древните градови Бадеријана и Тауресиум во ископините на наоѓалиштата кои се наоѓаат во непосредната близина на современите села Бадар и Таор, во кои покрај сличноста во имињата се зачувани и народните преданија.

Ископините на Тауресиум и Бадеријана односно самите села Таор и Бадар се директно поврзани со пат во должина од 9 километри, од кои 85% од е земјен пат добар за „отпатно“ (off-road) возење со велосипед. На излезот од Таор веднаш скршнувате десно и се покрај плодните ниви и остатоците од некогашното Катлановско Блато стасувате до Фазанеријата, а да не се изненадите ако од густите грмушки крај патот ви излета некоја ретковидена птица како фазан, еребица, потполошка, потоа излегувате малку на асфалт, кој толку е закрпуван од дупки што чувството е како да возите по земјен off-road пат. Штом дојдете пред надвозникот во Катланово повторно вртите десно крај погонот на Солопром во правец на Блаце и Кожле каде што некаде кај последните викенд-куќи каде има и рачно изработен патоказ за Бадар скршнувате лево и повторно почнува земјен и каменест пат најпрвин со мала угорнина, а потоа убав спуст покрај лаките и барите од Пчиња од каде пред самиот влез на селото скршнувате десно и на стотина до 200 метри наидувате на ископините затскриени во дабовата шума.  Но понудата не завршува тука! Потоа може да продолжите преку Бадар до Катланово, место чии лековити води се користеле уште од дамнешните римски, византиски, отомански времиња, а кои и денес во отворените базени-дупки во шумата или во модерниот базен отворен за сите посетители од 17 до 21 часот, може во топлите и пријатни води да го одморите своето тело и да уживате како византиски царици и цареви – императори!

 

УЖИВАЈ ВО МАКЕДОНИЈА – Низ Конче и Мантово во Лакавичко

На само 2 часа и околу 145 километри возење на југоисток од Скопје, се наоѓа еден многу убав, но малку познат и „загадочен“ македонски крај – долината на реката Крива Лакавица односно областа попозната како Лакавичко или Лакавицата како што си ја нарекуваат мештаните, во рамките на Општина Конче во Радовишко. Затскриена од главните сообраќајни патишта и оградена од планините Серта (или Конечка) која ја одделува од Повардарието на запад и југ и  Смрдеш(ник) која ја одделува од Радовишко-струмичката котлина на исток, се распослала една прекрасна и китна висорамнина ишарана со бројните убаво обработени ниви со тутун, зеленчук, жито, бостан и безбројни овоштарници со сливи, праски и лозја, а сред неа час се белее, час синее големото вештачко езеро Мантово.

До овој крај може да се стигне од 2 правци или преку Штип и Радовиш или преку Неготино и Пепелиште по одличниот неодамна асфалтиран пат преку планината и превојот Серта, кој неодамна го возевме со точаци.  Но, иако така затскриен од главните сообраќајни патишта и комуникациски текови, оваа област има извонредно и неверојатно богато минато и историска традиција.

Најстарите записи за Конче, под тоа исто име, датираат уште од 1019 година (11 век) од времето непосредно по поразот на Цар Самоил како и од 1366 година (14 век) кога е изградена прекрасната и велелепна црква Св. Стефан или позната и како Св. Богородица која и денес постои во селото Конче и токму оваа 2016 година одбележува 650 годинишнина од нејзината изградба, со што таа е и најстариот постоечки културно-историски споменик во цело Радовишко.   Оваа црква во чиј двор непосредно до храмот се наоѓаат остатоци од голема средновековна кула (тврдина) била изградена од средновековните владетели Никола Станоевиќ и Георги Бранковиќ како завештание за гробот на неговата ќерка. Интересната појава, што оваа црква е позната под 2 имиња т.е. светители, се поврзува и со чудесната икона на Света Богородица, која сама се појавувала (преместувала) од гевгелискиот крај  тука во црквата. За иконата на Света Богородица се сметала дека има исцелителна моќ, па покрај христијани во црквата за исцеление доаѓале и муслимани. Поради исцелителната моќ на иконата која била пронајдена во црквата на празникот „Св. Константин и Елена“, односно „Свети Цареи“, во црквата се одржувал голем панаѓур на кој се доаѓало поради исцеление на луѓето и со желба за плодност на полето. За исцелителната моќ на чудотворната икона во црквата во Конче пишувал и македонскиот преродбеник и собирач на народно творештво Марко Цепенков.

Доказ за значењето на целиот овој крај е фактот што во 1570 година (16 век) оваа област, во истите граници на денешната Општина Конче, била посебна управна административна единица Нахија Конче во рамки на Ќустендилскиот санџак. За целиот Лакавички крај на крајот на 19 век доста опширни описи дал и Ѓорче Петров во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, а со својата будност и посветеност во борбата за слобода на Македонија и Македонскиот народ особено се истакнале жителите на блиското и прочуено село Дедино, кое се наоѓа на половина пат меѓу Радовиш и Конче.

Работилницата за рачни бомби во селото била отворена кон крајот на 1896 година, но била затворена во ноември 1897 година. Во време на национално-ослободителното револуционерно движење во селото Дедино отседнале и престојувале двајцата македонски револуционери – великани, Гоце Делчев и Јане Сандански. Во 1897 година, во Дедино и Ињево се одвила Радовишката афера на МРО. На 25 август во Дедино, настанало убиство на двајца собирачи на такси за тутунот, кои посвоите зулуми станале несносливи за народот. Со ова убиство настанала таканаречената „Дединска афера“. Собирачите на данокот за тутун правеле многу пљачки низ селата, поради што месното раководство на ТМОРО во Радовиш донело решение да бидат спречени со сила, при што селската милиција во Дедино ги опколила и двајца од нив убила. Главатарот на групата бил ранет и успеал да избега, по што ја известил војската во Радовиш која го опсадила Дедино, при што во селото започнале претреси по куќите каде биле откриени складови со оружје и муниција, малтретирања и апсења во кои биле затворени 116 селани, а 123 биле измачувани. Дединската афера се проширила и на соседното село Ињево, а предизвикала цела низа провали и афери од тогашните власти врз македонското револуционерно и ослободително движење.

Но, овој крај нема да понуди само долга историја и кулутра, туку и убава природа и можности за прошетки и рекреација. Во 1978 година на реката Крива Лакавица е изградена браната и вештачкото езеро Мантово, едно од најголемите во источна Македонија.  Пријатната клима со температура на водата од 24ºC во летниот период е погодна за капење и практикување на водните спортови, застапеноста на повеќе видови на риби создаваат добри предуслови за спортски риболов, а издолжените вертикални грамадни карпи во близина на ридовите Габровска Чука и Трескавец овозможуваат добри услови за алпинистичко искачување. За туристичката понуда на езерото Мантово, покрај одличниот пристап со извонреден асфалтен пат погоден за возење велосипеди, придонесуваат и големиот број на новоизградени викендички во урбанизираната туристичка населба веднаш крај браната над брегот во атарите на Долна Враштица и Долни Радеш, а  тука се и бројните летниковци и  новоизградените т.н. „влашки колиби“ кои се изградени во стар стил, од дрво, со бетонска подлога, а опремени се со кревет, маса и дрвени клупи.

Снимка од нашат прва годинешна Викиекспедиција во Лакавичко, каде се запознавме со убавините на овој крај на Македонија.

Уживај во Македонија – БЕЛОЈШКИ ВОДОПАД

На нешто повеќе од половина час западно од Скопје се наоѓа нашата недопрена и  девствена убавина, прекрасната Шар Планина. Во науката има разни претпоставки околу потеклото на  нејзиното име, но за сите оние кои ја посетиле и ќе ја посетат нејзиното значење доаѓа од шарите, шаренилото и ишараноста со неизмерни и прекрасни убавини како разни шарени цвеќиња, густи шуми и недопрени гори, шаренило од блескавите снегови и белите стада овци, бројни извори, потоци, езера меѓу кои е и Беловишкиот Водопад.

Тетовското село Беловиште се наоѓа во подножјето на Шар Планина северно од Тетово на патот кон Вратница и Јажинце во рамки на Општината Јегуновце, а до него директно од Скопје може да стигнете и преку асфалтниот пат кој оди од Кондово, Радуша и Нераште. Селото е опкружено и потонато во зеленилото од густите костенови и лескови шуми, а низ него тече реката Јелика или Беловишка на која има три поголеми водопади.

Веднаш над самото село се наоѓа излетничката месност Петочко Водиче при првиот помал но најсилен водопад со длабок вир по течнието на реката. Во реонот има две цркви Св. Петка и Св. Јован Крстител, црковна терпезарија и неколку рибници со добра и љубезна послуга и вредни домаќини. Чешмата која се наоѓа во црквата „Св. Петка“ се верува дека има лековита вода за очи.

Од тука по добро обележана планинарска патека со мала стрмнина  на почетокот за час и половина до два часа пешачење се стигнува до карпеста месност од која што се пружа прекрасен поглед на големиот водопад висок 43 метри кој моќно шумоли меѓу карпите и густите букови шуми. По патот ќе минете низ неколку ливади со многу шумски јаготки, капини и боровинки и два-три долови со потоци меѓу густи дабови и букови шуми.

Беловишка река прави три поголеми водопади. Првиот водопад е најмал, но со најголем воден интезитет со и се наоѓа во месноста Петочко Водиче. Висок околу 12 метри и познат е името „Враживир“. Средниот водопад се нарекува „Долна Цкала“ и е најголем водопад на Беловишка Река со пад од 43 метри. До него се стасува по 2-3 часа одење по маркирана планинарска патека, која тргнува од црквата Св.Петка од десната страна на реката. Горниот водопад, или „Горна Цкала“ има непрекинат пад од над 20 метри. Се наоѓа во тешко пристапен терен. До него се стигнува по немаркирана планинарската патека која води за врвот Пирибег од левата страна на реката. Патеката тргнува од паркингот кај Петочко Водиче. Има помал интензитет од Долна Цкала бидејки опфаќа само два од трите поголеми извори на реката. Пределот помеѓу Горна и Долна Цкала е тешко пристапен кањон во букова шума во кој реката формира повеќе слапови и мали водопади.

Водите во брзаците на реката се толку бели што не е чудно зошто селото е наречено Беловиште

DSC05853 DSC05855 DSC05885 DSC05887

Уште еден доказ зошто се нарекува БЕЛОвишки водопад. Од априлското велигденско капење во студените и бистри  води.

DSC05922 DSC05923

Учеството на младите во донесувањето одлуки на локално ниво во руралните средини

Почитувани,

Би сакале да Ве известиме дека во рамки на проектот „Учеството на младите во донесувањето одлуки на локално ниво во руралните средини“ (на англиски: „Participation of Young People in Decision-Making Processes at the Local Level in Rural Areas“) одобрен и финансиран во рамки на Erasmus + програмата на ЕУ и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност под број на договор: 2015-3-МК01-КА347-021435, ќе бидат опфатени 4 рурални општини во Македонија, и тоа: Карбинци, ИлинденВрапчиште и Могила.

Во тој однос би сакале да ве известиме дека за истражувачките цели во спроведувањето на проектот, нашето здружение ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА како спроведувач на проектот, во месец март ќе одржи 4 средби за секоја општина посебно на кои ќе треба да се состанат и дискутираат за младинските политики 25 млади луѓе – жители на општините на возраст од 13 до 30 години и 5 службеници од општината. Секоја средба ќе биде во вид на фокус-група во траење од 2 – 2,5 часа и на неа ќе се одржи дијалог и разговори помеѓу младите и општинските службеници во однос на досега спроведените проекти за младите, начинот на учество на младите во донесување одлуки и можностите за спроведување на идеите на младите во одлуките и политиките на општините. Сите учесници на средбата ќе добијат сертификати. Превозот и организациските трошоци во целост ќе бидат покриени од организаторот – здружението ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА.

Ги повикуваме сите кои се заинтересирани за учество, млади луѓе и службеници – советници, раководители на сектори во општините да го пријават и потврдат своето учество на тел. 071 216 066, 070 309 746 или edinstvenamakedonija@gmail.com најдоцна до 07.03.2016, со цел навремено да се организира превозот и сите останати потреби.  

Повеќе за проектот видете на страницата за Erasmus на Европската Комисија и наскоро на  посебна информативна веб-страница за самиот проект која во моментов е во изработка.

Известување за Erasmus +проект